Премиерот Димитар Ковачевски се огласи на социјалните мрежи во врска со палењето на влезот на бугарскиот културен центар „Ванчо Михајлов“ во Битола.
Тој го осуди инцидентот, истакнувајќи дека со палење и опожарување нема ништо да се постигне, а посочи и дека институциите ќе се справат со сторителите.
„Го осудувам палењето на објектот на Центарот на бугарската заедница во Битола. Во 21 век со палење и опожарување не се постигнува ништо. Дадов јасни насоки до надлежните институции веднаш да го расчистат случајот. Ваквите потпалувачки провокации имаат цел да ги нарушат односите меѓу македонскиот и бугарскиот народ. Затоа, повикувам сите да останеме смирени и достоинствени, а со сторителите ќе се справат институциите“,
напиша Ковачевски на Фејсбук.
Претходно и претседателот Стево Пендаровски го осуди палењето на културниот центар „Ванчо Михајлов“, нагласувајќи дека „ваквите чинови не одат во прилог на унапредување на односите со Бугарија“.