Напад на полицијата и напад на полицајците е напад врз државата, вели портпаролот на СДСМ, Дарко Каевски за синоќешниот индцидент во кој учествувал член од обезбедувањето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски
Портпаролот на владејачката СДСМ, Дарко Каевски, по приведувањето на Ивица Б. кој бил дел од тимот обезбедување на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кажа дека со овој пример, опозициската партија секојдневно го покажува своето вистинско насилничко и криминално лице, и дека доволни биле само неколку денови од нивното влегување во техничката Влада за да се покаже нивното вистинско лице.
„Ноќеска, пред кафе барот Мош во Скопје, шефот на обезбедувањето на Мицкоски, Ивица Бисовски, физички нападнал полицаец! Иако и самиот е полицаец шефот на обезбедувањето на Мицкоски се обидел да спречи полициска акција за дрога. Затоа е тепан полицаецот, инспектор од НТШ, за борба против дрога. Станува збор за истиот Ивица Бисовски кој во време на ковид пандемијата беше заедно со Мицкоски во теретаната а потоа и во кафана на Боемска улица иако беше забрането“,
кажа Каевски.
Тој вели дека секој напад на полицијата или полицајци е напад врз државата и побара одговори од министерот Панче Тошковски кој е кадар предложен од ВМРО-ДПМНЕ, но и од претседателот на партијата, оти според него, овој скандал отвора многу дилеми за улогата на Мицкоски и „ВМРО-МВРО“.
Веќе известивме за Ивица Б., полициски службеник и член на обезбедувањето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, синоќа се обидел да спречи полициска акција во познат скопски локал, по што е приведен.
„Откако Ивица упатил заканувачки зборови кон В. Г., го фатил за раката и заедно со неколку НН лица го истуркал надвор од угостителскиот објект, каде што биле други полициски службеници. И покрај предупредувањата од В. Г. дека напаѓаат полициски службеник кој е на должност, Ивица Б. му задал удар со тупаница во пределот на главата. Ивица бил лишен од слобода. За настанот е известен Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди“,
пишува во белешката од инцидентот.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека од она што им е познато станува збор за лична нетрпеливост меѓу двајцата полициски службеници. Од опозициската партија соопштија и дека Ивица Б. ќе биде отстранет од обезбедувањето на лидерот Мицкоски, а побараа и органите без задршка да ги преземат сите потребни мерки за расветлување на настанот и најостро да казнат секаков вид насилство постапувајќи во согласност со законот.
Прв за настанот утрово преку социјалните мрежи извести дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев, кој е од редовите на СДСМ, оценувајќи дека македонската историја не памети ваков случај на поранешен полициски функционер (командант на единицата ‘Тигар’, н.з.) да нападне и да спречи свој колега во извршување службена дејност.
Осуда за инцидентот стигна и од министерот за внатрешни работи во техничката влада Панче Тошковски, кој е кадар на ВМРО-ДПМНЕ. Во објава на Фејсбук, Тошковски вели дека е известен надлежен јавен обвинител по чии насоки се постапува. Тој од службите во МВР побарал „максимално професионално и согласно стандардните оперативни процедури да се постапи, со цел во најбрз можен рок да се расчисти овој случај“.