Дека пред околу две недели разговарал со актуелен градоначалник, Груевски вчера спомена во коментар на Фејсбук во врска со пресудата за случајот ТНТ за рушењето на „Космос“ со која експремиерот од првостепениот суд доби деветгодишна затворска казна
Дали градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, е градоначалникот со кој Никола Груевски редовно комуницира, прашуваат од СДСМ откако вчера поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ во објава на социјалните мрежи напиша дека пред две недели во разговарал со еден актуелен градоначалник.
„Груевски откри нови работи, односно дека тој бил во комуникација со актуелен градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Дали Данела Арсовска е градоначалникот и контактот на Груевски со кој тој комуницира редовно? Дали Груевски редовно комуницира и со други градоначалници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ? Објавата на Груевски само го потврдува она што СДСМ го тврди, а тоа е дека ВМРО-ДПМНЕ сè уште е управувана од Будимпешта, а Христијан Мицкоски е само извршител на Груевски. Затоа ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски не го осудуваат и не се оградуваат од криминалите, туку напротив тие ги бранат криминалците во своите редови“,
рече портпаролот и пратеник на СДСМ, Дарко Каевски денеска на прес-конференција во партиското седиште.
Дека разговарал со актуелен градоначалник, Груевски вчера напиша во коментар на Фејсбук во врска со пресудата за случајот ТНТ за рушењето на „Космос“ со која експремиерот од првостепениот суд доби деветгодишна затворска казна.
Груевски, како и останатите обвинети во предметот, тврдеа дека рушењето било законско, а не поради политичка одмазда кон бизнисменот Фијат Цаноски кој во тој период премина во коалиција со СДСМ.
„’Ајде кажи ми како сега да ги рушам некои објекти кои се за рушење, кои се незаконски изградени, после се ова што ти се случува тебе и на другите? Па подобро да одговарам за не срушено нешто што требало да се сруши, отколку за срушено а што требало да се сруши‘. Ова прашање ми го постави пред околу две недели во телефонски разговор еден актуелен градоначалник во Македонија, на кое експресно самиот си одговори, за да заврши со зборовите: ’Злобата во Македонија расте и допрва ќе расте. Помирувањето е веќе мисловна именка‘“,
пишува во коментарот на за пресудата каде Груевски открива дека разговарал со актуелен градоначалник во земјава.