Ниту се гледа давање ниту земање пари, рече адвокатот на Катица Јанева, Дељо Кадиев, во своите завршни зборови во случајот „Рекет“, кога ги коментираше фотографиите и кратките снимки од телефонот на Бојан Јовановски-Боки 13, каде што се гледа поранешната специјална обвинителка како седи на тросед во нејзината дневна соба, а на масичката пред неа има снопче со пари.

„Ако се незаконски пари, обвинителството било должно да ги одземе, а нема потврда за одземање пари од домот на Јанева. Обвинителството тврди дека таа примила износ од 50 000 евра. Како успеа да ги преброи банкнотите? Од овие фотографии и таканаречени клипови не може да се види каков било акт, ниту на давање ниту на земање пари, а и самиот видеоклип не потврдува такво нешто преку тонскиот запис. Колку што може обвинителството да претпоставува дека Бојан ѝ дава пари, сосема оправдано е ние да тврдиме дека таа му дава пари нему“,
рече Кадиев потенцирајќи дека овие докази не се вештачени.
Тој ги коментираше и снимките од „Ла Верита“ потенцирајќи дека не се предадени во оригинал и оти се лепени една на друга поради што постои голема веројатност дека се монтирани снимки.
Претходно, адвокатот се осврна на исказите на сите сведоци, меѓу кои и на Орце Камчев, за кој кажа дека го користи „Рекет“ за да се одбрани во „Империја“, па и во тој дел зборуваше и за останатите пари – еден милион евра, за кој рече дека нема докази дека тие пари навистина се извадени од сметките во банка на неговото семејство и фирмите.
Завршните зборови на адвокатите на Јанева се во тек. По нив, треба да се обрати и таа.
Бојан Јовановски-Боки 13 и неговиот адвокат Сашко Дукоски завршните зборови ги дадоа вчера, а обвинителката Вилма Русковска на рочиштето кое се одржа мината недела.
*Поврзани вести:
Боки 13: Ако заиграат црвените телефони може да добиеме и драконски казни
Јанева: Како баница го распарталивме обвинението на Русковска, не дојде за да не се црви
Одбраната на Јанева за Камчев: Дали нападот е најдобра одбрана?