Ве информираме дека СВР Тетово презема мерки за идентификување на сторителите и целосно расчистување на случајот, реагираат од кабинетот на премиерот Димитар Ковачевски откако синоќа на плоштадот во Тетово, по повод посетата на косовскиот премиер Албин Курти, градоначалникот Билал Касами организираше голема манифестација на која се вееше знаме со картата на голема Албанија. На собирот се вееја и голем број албански знамиња, велат од кабинетот на Ковачевски
Дополнително, иако локалната самоуправа во Северна Македонија има целосна слобода во донесувањето одлуки кои ја засегаат општината, сепак, кабинетот на премиерот Ковачевски посочува дека не се согласува со преименување на улицата која го носи името на херојската „Втора македонска бригада“
Истакнувањето знамиња кои не се државни е спротивно на протоколите и законите за организирање настани во присуство на државници од странски земји. Видот иконографија забележан на настанот во Тетово во присуство на висок претставник на странска држава е несоодветно и недозволиво во земја членка на ООН и земја членка на НАТО, и во таа насока ве информираме дека СВР Тетово презема мерки за идентификување на сторителите и целосно расчистување на случајот, реагираат од кабинетот на премиерот Димитар Ковачевски откако синоќа на плоштадот во Тетово, по повод посетата на косовскиот премиер Албин Курти, градоначалникот Билал Касами организира голема манифестација на која се вееше знаме со картата на голема Албанија. На собирот се вееја и голем број албански знамиња.
Од кабинетот на премиерот информираат дека во текот на денот го исконтактирале амбасадорот на Република Косово во Република Северна Македонија, во врска со споменатата иконографија користена при приватната посета на косовскиот премиер на земјата.
Оттаму го осудуваат и фактот што на настанот организиран на територијата на Република Северна Македонија, не била интонирана македонската државна химна и не било истакнато македонското државно знаме.
„Посочуваме дека сите држави од регионот кои сакаат истиот да е просперитетен, економски развиен и интегриран во Европската Унија и кои сакаат да градат пријателски односи со своите соседи, треба со сите свои постапки да ги продлабочуваат пријателствата и меѓу државите и меѓу граѓаните, и да инсистираат на почитување пред сѐ на државните обележја, како и на мултикултурните специфичности на секоја од државите од регионот. Република Северна Македонија како функционално мултикултурно и мултиетничко општество е пример за земја која ги почитува различностите и интензивно гради добрососедски односи со сите свои соседи, базирани на почитување и соработка која треба да придонесе кон понатамошен развој и на земјата и на регионот“,
се наведува во соопштението од кабинетот на Ковачевски.
Дополнително, иако локалната самоуправа во Северна Македонија има целосна слобода во донесувањето одлуки кои ја засегаат општината, сепак, кабинетот на премиерот Ковачевски посочува дека не се согласува со преименување на улица која го носи името на херојската „Втора македонска бригада“.
„Посочуваме дека локалната самоуправа требало изминатиот период поревносно да си ја врши својата работа и досега да изгради нова улица која ќе ја именува согласно законските процедури“,
се додава во соопштението од премиерскиот кабинет.
Премиерот на Косово, Албин Курти, кој вчера беше во неофицијална посета на земјава, пред да замине во Тетово, присуствуваше на преименувањето на улицата „Втора македонска бригада“ во „Адем Демачи“ во Општина Чаир.
На настанот присуствуваа и градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу, како и претседателите на движењето Беса, Билал Касами, на Алтернатива, Африм Гаши, и Изет Меџити, кој најави формирање на ново политичко движење во албанскиот блок.
Инаку, улицата „Втора македонска бригада“ го добила своето име по славната бригада која биела битки со бугарскиот фашистички окупатор и броела 480 борци. Голем дел од нив ги загубиле животите во борбите со бугарската војска, но дел од нив и во завршните борби за ослободување на Македонија.
Адем Демачи бил албански писател и политичар, кој своето образование го стекнал во Приштина, Скопје и во Белград. Тој бил и раководител на политичкото крило на Ослободителната војска на Косово (ОВК), а потоа и политички активен во движењето Самоопределување на Албин Курти. Починал во 2018 година во Приштина.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ реагираа за преименувањето на улицата „Втора македонска бригада“ во „Адем Демачи“ во Општина Чаир нагласувајќи дека Демачи нема никаква поврзаност со македонската историја.
„Вчера во Скопје без никакви македонски обележја и со голема помпезност и во присуство на премиер од друга држава, беше преименета улицата ‘Втора Македонска ударна бригада’ во име на косовски борец Адем Демачи. Улицата го добива името на Демачи, кој нема никакви допирни точки ниту со историјата на Македонија, ниту пак со Скопје, туку имал националистички идеали поврзани со други држави“,
рекоа од партијата.