Советот за жалба при Врховниот суд, кој треба да донесе конечна одлука за разрешувањето на Вангеловски, не можел да заседава ни во четвртокот (20 февруари 2020 г.) затоа што бил отсутен судијата од гостиварска апелација, Африм Јакупи, наводно поради смртен случај во семејството
Во меѓувреме, Вангеловски иницирал постапка пред Судскиот совет за разрешување на врховните судијки Беса Адеми и Цветанка Периќ, членови на Советот за жалба што треба да пресече за неговото разрешување
Другата врховна судијка разрешена од Судскиот совет, Рахилка Стојковска, по истиот принцип, бара Судскиот совет да ги разреши врховните судии Шпенд Деваја и повторно Цветанка Периќ, членови на Советот за жалба што треба да ја донесе конечната одлука за нејзиното разрешување
Продолжува сагата со разрешувањето на врховните судии Јово Вангеловски и Рахилка Стојковска, кои беа дел од Кривичниот совет во Врховниот суд што во мај 2017 г. го укина притворот за бизнисменот Сеад Кочан додека тој беше во бегство. Советот за жалба при Врховниот суд, кој решава по жалбата на Вангеловски за одлуката за негово разрешување што ја донесе Судскиот совет, не решил ништо ни во четвртокот (20 февруари 2020 г.) затоа што не биле присутни сите 9-мина членови.
Поради отсуство на судијата од гостиварска апелација, Африм Јакупи, наводно поради смртен случај во семејството, жалбениот совет само констатирал дека не се исполнети условите за да заседава и закажал нов состанок за 9 март, вели за „360 степени“ извор упатен во случувањата.
Ова е ново одолговлекување на постапката откако на претходното заседание на жалбениот совет на 17 фавруари, Вангеловски преку правниот застапник прво барал да се одложи седницата бидејќи немало уредна достава, а потоа и затоа што немало доволно време за подготовка. Овие барања биле одбиени, како и следното – да има одлагање бидејќи станува збор за предизборен период, што според жалителите значи време во кое не може да има разрешувања. На крај, било побарано изземање на целиот жалбен совет.
Истото се случувало и во жалбениот совет што решава по жалбата на Рахилка Стојковска.

*поврзана вест Одредени колегите на Јово Вангеловски што ќе одлучуваат дали тој да биде разрешен
*поврзана вест Врховен не може да го најде Јово Вангеловски за да одлучи – дали ќе го разреши или ќе го врати на работа
Според последните измени на Законот за Судскиот совет, одлука за разрешување судија носи Судскиот совет, на што засегнатиот судија има право на жалба до Совет за жалба што се формира при Врховниот суд. Од 9 члена на Советот за жалба, тројца се врховни судии, двајца се судии од судот од кој потекнува засегнатиот судија, а уште по еден член се делегира од четирите апелациски подрачја – скопско, гостиварско, битолско и штипско. Во случајот со Вангеловски и Стојковска, тоа значи дека петмина од деветтемина членови во жалбените совети се врховни судии.
Вангеловски и Стојковска иницирале разрешување на тројца врховни судии
Но, дури и да имало услови за одржување на седница на жалбениот совет во четвртокот, прашање е дали ќе била донесена конечна одлука за Вангеловски затоа што барањето за изземање на целиот жалбен совет е доставено до општата седница на Врховниот суд. Според извори од Судот, општата седница ќе заседава в среда, 26 февруари, а на дневен ред се ставени барањата за изземање на жалбените совети и од Вангеловски и од Стојковска.
Дека Вангеловски и Стојковска се подготвени да ги користат сите опции за одолговлекување на постапките за потврда на нивното разрешување, зборуваат и информациите од Судскиот совет за поднесени претставки од нив за разрешување на дел од врховните судии кои се членови на жалбените совети.
Јово Вангеловски поднел претставки со барање за разрешување на врховните судијки Беса Адеми и Цветанка Периќ поради, според негова оценка, нестручно и несовесно водење на постапката за него пред жалбениот совет.
Исти претставки, според нашиот извор од Судскиот совет, поднела и Рахилка Стојковска. Таа бараа разрешување на врховните судии Шпенд Деваја и повторно Цветанка Периќ, со истото образложение.
Интересно е дека Вангеловски и Стојковска таргетираат само тројца судии, иако за одлуките за отфрлање на нивните барања за одлагање на седниците гласале и други судии челнови на жалбените совети.
Не е јасно дали овие иницијативи може дополнително да го пролонгираат изјаснувањето на жалбените совети за разрешувањата на Вангеловски и Стојковска.
Инаку, жалбените совети веќе доцнат со одлуките. Според Законот за Судски совет, Советот за жалба треба да донесе одлука во рок од 30 дена од неговото формирање. Во случајот на Вангеловски и на Стојковска, советите беа формирани на почетокот на јануари.
Судскиот совет ги разреши Вангеловски и Стојковска на 10 септември 2019 година, по речиси двегодишно развлекување на постапката.