Еден обвинител од ОЈО Скопје, кај кого било утврдено нестручно работење, поднел оставка која ја констатирал Советот на јавни обвинители
Оваа година се поведени дисциплински постапки против пет јавни обвинители кои сториле повреди во текот на работењето, рече државниот јавен обвинител Љубомир Јовески на денешната онлајн – средба со новинарите.
Притоа, тој посочи дека еден обвинител од ОЈО Скопје, кај кого било утврдено нестручно работење, поднел оставка која ја констатирал Советот на јавни обвинители.
Јовески рече дека е донесен Правилник за следење на квалитетот на работењето на јавните обвинители и нивното оценување, со што ќе се подобрува квалитетот на работењето.
„Ќе се оценува работата на секој обвинител посебно, квантитативно и квалитативно“,
рече Јовески.
На брифингот Јовески посочи дека 2020 година е тешка година за сите, исполнета и со многу предизвици за јавните обвинители.
„Нашата надлежност и предмет на работа бара постојан континуитет, целосна посветеност, лична директна комуникација со многу луѓе. Надлежни сме за гонење на криминалот, а тој не запира, дури и кога има пандемија. Обврзани сме со рокови во преземањето на нашите дејствија, на целосно прибирање на материјални и вербални докази за да имаме издржани обвиненија“,
рече Јовески.
Jавните обвинители, постапуваа и преземаа дејствија и по предметите преземени од Специјалното јавно обвинителство, со што во неколку предмети се поднесени обвиненија или други одлуки согласно доказните материјали, а продолжија и со застапување по предметите по кои претходно беа поднесени обвиненија.
Од не помало значење, како што рече тој, е што во оваа година профункционираа четирите истражни центри во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и основните јавни обвинителства во Скопје, Куманово и Тетово.