
По четири дена поминати во градската болница „8-ми Септември“, Бојан Јовановски – Боки 13 добил отпусно писмо и е вратен во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари.
За неговиот престој во затворската ќелија деновиве ќе одлучува Апелацискиот суд во Скопје од каде одбраната на Јовановски бара тој да биде пуштен, на што пак, од Вишото обвинителство уште во петокот дале негативно мислење. Првично адвокатот Сашко Дуковски бараше јавна седница која беше закажана за денеска, но го повлекол барањето, па седница утрово воопшто и не се одржа.
Додека ја очекува одлуката, Јовановски утре повторно со затворското комбе ќе ја помине капијата во Шутка, но за да биде спроведен во Основниот кривичен суд во Скопје каде треба да започне судскиот процес за „Рекет“. Од домашен притвор до истата локација ќе бидат спроведени и порашената специјална јавна обвинителка Катица Јанева и бизнисменот Зоран Милески – Кичеец.
Тројцата за првпат ќе седнат во судница во својство на осомничени, наспроти обвинителката Вилма Русковска. Истрагата за овој случај Обвинителството ја отвори на 15 јули годинава, а како клучен сведок е бизнисменот Орце Камчев, кој во истрагата „Империја“ на СЈО, пак, е со статус осомничен. Од него, според обвинението, биле побарани 8 милиони евра од кои биле исплатени 1,5 милиони.
На 10 октомври Обвинителството поднесе обвинителен акт за тројцата осомничени што подоцна судот во целост го прифати.
Од утре, обвинителството и одбраната, секој со своите аргумети и докази, во овој судски процес ќе го докажуваат односно ќе го побиваат обвинението според кое осомничените од Камчев изнудиле нешто повеќе од 1,5 милиони евра.
Јовановски е првообвинет за „примање награда за противзаконито влијание“ и „перење пари и други приноси од кривично дело“. Милески како третообвинет се гони за помагање во првото делото додека Јанева е второобвинета, но за „злоупотреба на службената положба и овластувања“.
Според обвинението, Јовановски искористувајќи ги пријателските односи со Јанева влијаел врз неа за да му ја олесни положбата на Камчев во „Империја“.
Тогашната шефица на СЈО не се противела, па откако нејзиниот пријател заедно со Милески ги добил првите половина милион евра од сопругата на Камчев, до Апелацискиот суд во Скопје доставила предлог, бизнисменот да добие од затворот во Шутка да се префрли во куќен притвор. Кога била исплатена и втората половина од милионот, Јанева испратила согласност Камчев да добие и привремен пасош.
Според обвиението, специјалната обвинителка за ова добила мебел во вредност од речиси пет илјади евра и кеш од 50.000 евра.
Јовановски и Милески зеле 1,5 милиони евра. Боки 13, пак, според обвининието, бидејќи официјално е невработел, а сметките му се блокирани, парите ги трошел за луксузен мебел, облека, чевли и летувања во луксузни резорти надвор од земјава.
Улогата на Милески во целиот овој случај била да договара средби со сопругата на Камчев, а откако тој излезе од притвор и со него лично, како и да ги убедува дека има влијание врз специјалната обвинителка.
Проширување на истрагата за „Рекет“
Ден пред да го поднесе обвинението за овој случај, Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција отвори уште една истрага за аферата „Рекет“. И во неа Бојан Јовановски е првоосомничен за две дела -за „перење пари и други приноси од казниво дело“ и за „Измама“.
Оваа истрага се однесува на работата на невладината организација Меѓународен сојуз, чиј претседател е Јовановски. Обвинителството го сомничи дека измамил две градежни компании на тој начин што ги лажел дека ќе обезбеди државно земјиште за да се изградат центри за возрасни лица и моблен сервис, а потоа ќе обезбеди и државни субвенции. Така, од едната фирма преку авторска агенција добил околу 720.000 евра, а од другата околу 230.000.
На списокот осомничени со Јовановски се најде и пратеничката од власта, Фросина Ременски, за помагање на делото „измама“.
Заменик-претседателката на меѓународниот сојуз, Јасна Мандиќ, таткото на Боки 13, Миле Јовановски и асистентката го надополнуваат списокот од вкупно петмина осомничени. Тие се под истрага за помагање на двете дела: „Измама“ и „Перење пари и други приноси од казниво дело“.
Во случајот како правно лице се сомничи и Меѓународниот сојуз.