Јорданската војска соопшти дека медицинските материјали биле спуштени со падобрани од авион на јорданските воздухопловни сили
Јордан преку воздушен пат исфрли пакет медицинска помош наменет за болница во Појасот Газа, кој е опколен од израелската војска во војната со Хамас, соопшти јорданскиот крал Абдула Втори во објава на социјалната мрежа „Икс“ (претходно Твитер), пренесува „Гардијан“.

„Нашиот бестрашен персонал на воздухопловните сили на полноќ фрли итна медицинска помош во јорданската теренска болница во Газа. Ова е наша должност да им помогнеме на нашите браќа и сестри повредени во војната во Газа. Ние секогаш ќе бидеме тука за нашите палестински браќа“,
напиша јорданскиот крал на „Икс“.
Our fearless air force personnel air-dropped at midnight urgent medical aid to the Jordanian field hospital in Gaza. This is our duty to aid our brothers and sisters injured in the war on Gaza. We will always be there for our Palestinian brethren pic.twitter.com/HOWI2VL7hL
— عبدالله بن الحسين (@KingAbdullahII) November 5, 2023
Јордан се гранични со Западниот Брег, каде што има голем број палестински бегалци. Сопругата на кралот, кралицата Ранија, е родена од палестински родители и е отворена во критиките кон Израел во врска со операциите на неговите одбранбени сили во Газа.
Американскиот информативен веб-сајт „Аксиос“ (Axios) објавил дека спуштањето пакет помош од воздух било извршено во координација и со знаење на израелската војска, пренесува британскиот весник.
Доставата на помош за Газа, посочува весникот, во моментов е тешко да се направи на друг начин, имајќи ја предвид блокадата од страна на израелските сили и интензивното бомбардирање на Појасот.
Јорданската војска, според американскиот веб-сајт, соопштила дека медицинските материјали биле спуштени со падобрани од авион на јорданските воздухопловни сили.
Инаку, помош во Газа се доставуваше преку граничниот премин Рафах со Египет, но според Обединетите нации, количините се мали во однос на она што е потребно за Палестинците во Појасот.
Израел го прекина снабдувањето со вода, гориво и медицински средства за Газа, иако илјадници цивили се убиени и повредени во неговите напади.
Израелските одбранбени сили (ИДФ), според портпаролот на армијата, бригадниот генерал Даниел Хагари, целосно го опколиле градот Газа и стигнале до морето, со што Појасот Газа практично е поделен на два дела – север и југ.
И началникот на Генералштабот на израелската армија, Херзи Халеви, синоќа изјави дека армијата е подготвена „во секој момент да почне офанзива на север“, каде што Израел се граничи со Либан и во последните недели се бори секој ден против ракетните напади на либанската милитантна група Хезболах.
„Силите на ИДФ од пешадиската бригада Голани денеска го опколија градот Газа, стигнаа до морето и држат позиции. Градот Газа е исто така опколен од југ, и всушност сега постои север на Појасот Газа и југ. Сè уште постои коридорот по кој жителите од северот на енклавата и Газа можат да се движат кон југ“,
рече Хагари, пренесува „Тајмс оф Израел“.
Во меѓувреме, шефовите на сите поголеми агенции на ОН издадоа ретка заедничка изјава во која повикаа на „итен хуманитарен прекин на огнот“ велејќи „доста е“, пренесува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ).
„Скоро еден месец светот во шок и ужас го гледа развојот на ситуацијата во Израел и окупираната палестинска територија поради зголемениот број изгубени и уништени животи“,
изјавија шефовите на ОН.

Водачите на организации, вклучувајќи ги УНИЦЕФ, Светската здравствена организација (СЗО), Светската програма за храна, како и добротворни организации како што е „Спасете ги децата“ (Save the Children), ја опишаа „страшната“ загуба на животи од двете страни и побараа безусловно ослободување на заложниците кои Хамас ги зеде на 7 октомври во нападот на јужен Израел.
„Сепак, убиствата на уште повеќе цивили во Газа се ужас, како и прекинот на снабдување со храна, вода, лекови, струја и гориво за 2,2 милиони Палестинци“,
се вели во извештајот.
Во соопштението се додава дека 88 луѓе, кои работеле за УНРВА, агенцијата фокусирана на палестинските бегалци, биле убиени од 7 октомври, што е најголем број на смртни случаи на персонал на ОН „евидентиран во еден конфликт“.