Од обвинителството велат дека за дивата домашна ординација, која беше откриена во домот на директорот на струшката болница, во моментов се собираат искази од сите што може да помогнат за утврдување на состојбите
За вториот случај со уште една ординација, за која инспекторатот направи надзор, до обвинителството засега нема стигнато пријава. Овој случај е во фаза на жалбена постапка пред второстепена комисија, по што Инспекторатот најавува дека ќе продолжи со постапката
Предметот со дивата домашна ординација на гинекологот и воедно директор на струшката болница, Мухамед Асани, е во рацете на обвинителството и тоа ги проверува наводите од извештајот на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ).
Сомнежите што се испитуваат се за сторено кривично дело давање здравствени услуги без дозвола за работа, според членот 304а од Законот за здравствена заштита. Во моментов се прибираат искази.
„Се преземаат дејствија во насока на проверка на наводите и обезбедување докази за сторено кривично дело давање здравствени услуги без дозвола за работа од член 304а од Законот за здравствена заштита. Во тој контекст, се прибираат вербални докази од лица кои можат да помогнат за утврдување на фактичката состојба“,
велат од обвинителството.
Инспекторатот што го поднесе извештајот до обвинителството, во меѓувреме, не дошол до нови сознанија.
Од она што е познато е дека во контролата и надзорот, кои ги направија инспекторите со полициска асистенција во јануари, беше утврдено дека гинекологот дома има комплетно опремена гинеколошка ординација која не е регистрирана. Тој доби забрана да работи во домашната ординација, а до ДСЗИ пристигнаа и неколку изјави од пациентки заверени на нотар, според кои Асани вршел прегледи во својот дом по 15 часот. Една од пациентките во изјавата посочува дека во ординацијата докторот ја контролирал нејзината бременост уште пред осум години.
„Се случуваат ужаси, а сè е по закон“
Струшкиот гинеколог и директор на болницата беше во фокусот на јавноста и во врска со случајот со родилката на која ѝ беа отстранети матката, бубрегот и јајникот. Меѓутоа, за овој случај министерот Венко Филипче вчера информира дека според стручниот надзор на Лекарската комора немало пропуст и лекарска грешка.
Претседателката на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК), Билјана Ивановска, смета дека за ова најмалку што треба да се направи е надзор од уште една комисија. Антикорупциска не постапувала по овој случај затоа што веднаш со него се „фати“ обвинителството, но нејзиниот личен став е дека, барем според некој етички кодекс, Асани повеќе не треба да е на чело на струшката болница.

„Она што го слушнавме од медиумите за мене е непоимливо. Не може некој да влезе во болница и излезе без три органи и тоа сѐ да биде по закон. Се случуваат ужаси, а сè е по закон. Ако ништо друго, треба од Министерството уште една комисија да отиде и да го провери случајот. Од друга страна, бидејќи сѐ повеќе зборуваме за етички кодекси, по мене не е етички некому кому му се случиле вакви работи да раководи со таква институција. Ова е мој личен став, бидејќи во Комисијата не сме разговарале за ова како предмет“,
изјави Ивановска.
Николовски не сака да осудува без факти и докази
И покрај наодите на ДСЗИ за дивата ординација, вицепремиерот за борба против корупцијата Љупчо Николовски, пак, вели дека не сака да осудува некого без докази.
„Не некој друг, лично ние покренавме иницијативи и се постапува. Први пред кој било медиум го изнесовме случајот. Тоа говори за транспарентноста и неселективноста по однос на што било. Службите, инспекторатите и институциите веднаш имаат постапено и не можеме некого за што било да осудуваме како што сакаме во јавноста да направиме пракса. Треба врз база на факти и аргументи да се носат и одлуките. Покренати се сите иницијативи, инспекторатот експресно донел решение, кои беа во негова надлежност, за забрана за вршење на дејност во рамки на тие простории“,
вели Николовски.
Во врска со родилката на која ѝ беа извадени органите, пак, тој вели дека сè уште не го добиле извештајот од Лекарската комора и, како и претходно, даде ветување дека ќе се истражи работата до крај.

„Сè уште не е дојден до нас, од медиумите вчера дознавме за некаков извештај на Лекарската комора, така што сите аргументи ќе се земат предвид. Во тој извештај, како што го пренесоа медиумите, нема никакви прекршувања во делот на стручноста. Така што, ние сме првите коишто сме покренале соодветни постапки и за кој било друг и за овој случај, и секако до крај и оваа работа ќе биде истражена и ќе бидат преземени и други активности“,
рече вицепремиерот.
Нема пријава до обвинителството за втората ординација во Струга, во тек е жалбена постапка пред инспекторатот
Дивата ординација на Асани, за која се обелодени во јануари, не беше единствената. Кон средината на февруари ДСЗИ направи инспекциски надзор и во други простории во Струга. Стануваше збор за објект што има решение за работа од Министерството за здравство уште од 1999 година, но во моментот на надзор ординацијата немала ниту носител на дејноста ниту просторните услови биле во согласност со решението. Лекарот кој бил носител на дејност е пензиониран од 2009 година, а лекарката, која инаку е вработена и во Општата болница во Струга, доби решение за забрана за вршење дејност во таа ординација, односно надвор од матичната установа каде што е вработена. Исто така, ДСЗИ издаде и забрана за вршење здравствена дејност на ординацијата.
Овој случај засега не е во рацете на обвинителство. Оттаму велат дека до овој момент обвинителството во Струга не добило друга пријава според членот 304а од Законот за здравствена заштита.
На нашето прашање зошто случајот не е пријавен до обвинителство, од ДСЗИ велат дека во тек е жалбена постапката за издадената забрана за вршење здравствена дејност на приватната здравствена установа „Д-р Парталовски“.
„Во тек е жалбена постапка на ПЗУ ’Д-р Парталовски‘ по издаденото решение на ДСЗИ до Државна комисија за одлучување во втор степен. По донесување на одлука од второстепената комисија, ДСЗИ ќе ја продолжи инспекциската постапка, согласно законските надлежности“,
велат од ДСЗИ.