Економскиот форум што се одржа овде во Виена донесе и политички пораки – шефот на ресорот проширување во Европската комисија, инаку Австриец, е уверен дека Северна Македонија ќе добие одлука за преговори пред летото и дека ќе ги отвори првите поглавја до крајот на годинава. Во краткото интервју што го направивме во Виена, го прашавме Јоханес Хан и кој ќе го направи се поизвесното раздвојување на Северна Македонија и Албанија – комисијата или земјите-членки, зашто Франција и Холандија тешко би се согласиле со отворање преговори со Тирана оваа година.
За последниот развој на настаните Хан разговараше со македонскиот премиер, средба од која Заев излезе оптимист дека ЕУ ќе го вреднува постигнатото. Свесен е дека има поширока регионална игра и калкулација кај дел од влијателните земји-членки со дијалогот Белград-Приштина и евентуалното влијание што одвојувањето на Македонија од Албанија би го имало врз тој процес.
Премиерот го прашавме и за неговите досега нереализирани најави за реконструкција на владата и смени на други позиции во извршната власт и во СДСМ.
Настанот на кој присуствуваа неколкумина министри беше во организација на Виенскиот економски форум и А1 Телеком групацијата. Целта беше да се презентираат инвестициските потенцијали на земјава која, според оценката на комесарот Хан, има најдобра политичка стабилност во регионот..
Од Виена за 360 Степени, Владимир Мирчески.