Весникот „Њујорк тајмс“ пред изборите лани објави дека американскиот претседател Доналд Трамп не платил данок на доход во последните 10-15 години, почнувајќи од 2000 година, бидејќи пријавил дека повеќе загубил одошто заработил
Врховниот суд, највисоката американска судска инстанца, му даде зелено светло на обвинителот во Њујорк да ги прибави даночните пријави и други финансиски податоци за поранешниот претседател Доналд Трамп како дел од кривичната истрага што се води против него, објави Гласот на Америка.
Судиите го отфрлија барањето на Трамп да се одложи спроведувањето на судската одлука донесена на 7 октомври, според која на сметководствената компанија „Мазарс САД“ ѝ е наложено да ѝ ги предаде материјалите и податоците на големата порота свикана од окружниот обвинител на Менхетен, инаку член на Демократската партија.
На Врховниот суд му беа потребни неколку месеци да се изјасни за случајот. Институцијата, во која има тројца судии назначени од Трамп, не ја објавуваше одлуката за време на изборите и периодот во кој Трамп поднесуваше приговори за поразот.
Тоа го стори еден месец по завршувањето на мандатот на поранешниот претседател.
Случајот се однесува на даночните пријави на Трамп како приватно лице и како бизнисмен во последните осум години. Во врска со ова – обвинителите не обелоденија премногу информации.
Во едно судско досие во текот на изминатата година, тие наведоа дека со право бараат пристап до пријавите поради, како што наведоа, извештаите во јавноста за можно значајно и долготрајно криминално однесување.
Дел од истрагата се однесува на исплатите на порноактерката Сторми Даниелс и на манекенката Карен Мекдугал, за да ги замолчи за наводната афера со Трамп за време на претседателската кампања во 2016 година, за што Трамп негираше дека имал вонбрачни врски.
Во јули 2020 година судиите на Врховниот суд го отфрлија аргументот на Трамп дека претседателот не може да биде под истрагата додека е на функција или дека обвинителот „треба да покаже поголем степен на потреба“ да ги открие даночните пријави на шефот на државата.
Таа одлука беше поддржана од Нил Горсач и Брет Кавано, кои беа предложени од Трамп за судии на Врховниот суд. Одлуката беше донесена и објавена пред Ејми Кони Барет, третиот избор на поранешниот претседател, да ја наследи Рут Бадер Гинзберг како судија.
Дел од пресудата беше и одлуката за враќање на случајот во надлежност на судовите од пониска надлежност. Исто така, беше одлучено дека податоците за даночните записи на Трамп нема да бидат објавени додека течат судењата пред тие судови.
Адвокатите на Трамп поднесоа и дополнителни аргументи објаснувајќи зошто податоците за даночните пријави на Доналд Трамп не треба да се откриваат – но тие беа одбиени пред федералниот суд во Њујорк во редовна постапка и по жалба.
Станува збор за пресуди чие стапување во сила поранешниот претседател на САД се обиде да го одложи.
„Њујорк тајмс“ алармираше уште во септември
Весникот „Њујорк тајмс“ пред изборите лани објави дека американскиот претседател Доналд Трамп не платил данок на доход во последните 10-15 години, почнувајќи од 2000 година, бидејќи пријавил дека повеќе загубил одошто заработил.
И во годината кога го освои претседателскиот мандат и во првата година помината во Белата куќа, Трамп платил само 750 долари федерален данок на доход.
Весникот ги објави начините кои Трап ги користел за да не плаќа данок: тој ги искористил олеснувањата на лични трошоци, па на пример, навел дека 70 000 долари потрошил на фризер, приватни авиони и сместување. И покрај тоа што во 2018 година заработил најмалку – 434,9 милиони долари, Трамп во својата даночна пријава прикажал загуба од 47,4 милиони долари.
Тој со години се борел против Даночната управа на САД околу тоа дали загубите што ги пријавувал требало да резултираат со поврат на данок од речиси 73 милиони долари.