Предложениот закон, според вработените во јавнообвинителската служба, ги задржува постојните механизми на зависност во управувањето со човечките ресурси, не ги надминува проблемите со недостигот на кадар и не предвидува суштинско подобрување на материјалниот статус на вработените
Тие ги повикуваат пратениците пред конечното усвојување на законот внимателно да ги разгледаат забелешките на јавнообвинителската служба и да обезбедат законски решенија што, како што велат, навистина ќе придонесат за самостојност, ефиканост и професионализација на јавнообвинителскиот систем
Вработените во јавнообвинителската служба во сите обвинителства во државата денеска преку писмено соопштение реагираат на новиот предлог-закон за јавнообвинителска служба, кој е веќе во собраниска процедура. Според нив, предложеното законско решение, кое треба да го замени постојното, донесено пред 10 години, не претставува реформски исчекор, туку, како што велат, пропуштена можност за спроведување на неопходните промени во јавнообвинителскиот систем.

Она што особено ги загрижува вработените во јавнообвинителската служба, наведуваат тие во реакцијата, е тоа што, според нив, верзијата доставена до Собранието суштински отстапува од решенијата подготвени од Работната група, а во која, посочуваат, учествуваа претставници на Јавното обвинителство, надлежните институции, академската заедница и меѓународните партнери.
„Голем дел од решенијата што беа резултат на повеќемесечна работа не се рефлектирани во текстот на законот, без притоа да биде дадено образложение за причините поради кои се напуштени“,
се наведува во соопштението.
Од службата додаваат дека иако законот се претставува како дел од реформките процеси и исполнувања на обврските од Реформската агенда, во предложениот текст не се препознаваат клучните решенија насочени, како што велат, кон зајакнување на самостојноста на Јавното обвинителство и издвојување на јавнообвинителската служба од системот на јавната администрација.
Предложениот закон, според вработените во јавнообвинителската служба, ги задржува постојните механизми на зависност во управувањето со човечките ресурси, не ги надминува проблемите со недостигот на кадар и не предвидува суштинско подобрување на материјалниот статус на вработените.
Дополнително, велат оттаму, во верзијата што се разгледува во Собранието е задржан постојниот систем на пресметка на плати.
„Особено загрижува што законот се претставува како значаен реформски исчекор, а при неговата анализа произлегува дека најголемиот дел од одредбите се преземени од постојниот Закон за јавнообвинителска служба, додека измените се ограничени и не обезбедуваат суштински промени во системот“,
се вели во реакцијата.
Во таа насока, од јавнообвинителската служба посочуваат дека новото законско решение наместо да обезбеди поголема самостојност на Јавното обвинителство и вистинско издвојување на јавнообвинителската служба од системот на јавната администрација, предложениот закон ги задржува постојните ограничувања, не ги надминува кадровските проблеми и не нуди решенија за долгогодишните предизвици со кои се соочува службата.
Службениците во јавните обвинителства предупредуваат дека усвојувањето на вака поднесениот предлог-закон нема да доведе до зајакнување на институционалните капацитети на Јавното обвинителство, туку ќе ги задржи истите слабости поради кои, како што велат од службата, реформата воопшто беше започната.
Тие ги повикуваат пратениците пред конечното усвојување на законот внимателно да ги разгледаат забелешките на јавнообвинителската служба и да обезбедат законски решенија што, како што велат, навистина ќе придонесат за самостојност, ефиканост и професионализација на јавнообвинителскиот систем.
Вработените од јавнообвинителската служба информираат дека поопширна реакција на предлог-законското решение денеска ќе достават до Собранието и до Делегацијата на Европската Унија во земјава.

Инаку, според веб-страницата на Собранието, предлог-законот за јавнообвинителска служба во закондавниот дом е примен на 5 јуни, односно минатиот петок и веќе е во процедура, односно, според статусот, е во второ читање. Предлагач е Владата, односно Министерството за правда, преку ресорниот министер Игор Филков.
Во делот од образложението за причините поради кои се предлага ново законско решение кое треба да го замени она донесено во 2015 година, се наведува дека се предвидени сродни решенија во конкретниот и во предлог-законот за судска служба.
„Двата закони се однесуваат на регулирање на посебен статус на службата вработени во судовите и јавните обвинителства кои ќе овозможат зајакнување на независноста на судството и остварување на гаранциите на правосудството во согласност со стандардите на ЕУ“,
се вели во образложението на предлог-законот за јавнообвинителска служба.
Во таа насока, во текстот се додава, дека со оглед на тоа што станува збор за сродни решенија и овој предлог- закон е усогласен со одредбите од Законот за административните службеници.
Во членот 1 од предлог-законот се наведува дека со овој закон се уредуваат правата, должностите и одговорностите, како и системот на плати и надоместоци на плати на вработените во јавнообвинителската служба, додека во членот 2 е дефинирано кој ја сочинува јавнообвинителската служба.
„Јавнообвинителската служба ја сочинуваат посебни државни службеници (во понатамошниот текст: јавнообвинителски службеници), државните службеници и помошно техничкиот персонал (во понатамошниот текст:лицата вработени во јавните обвинителства за техничка поддршка и други помошно-организациски работи)“,
се вели во членот 2.
Во ставот 1 од членот 3, пак, се вели дека јавнообвинителски службеници се лица вработени во јавните обвинителства кои имаат статус на посебен вид државни службеници и вршaт јавнообвинителски – стручни и административни работи за потребата на јавното обвинителство, во согласност со овој закон и друг закон.
Ставот 5 од истиот член, кој се однесува на правата и обврските на вработените во јавнообвинителската служба, вели дека нив, тие ги остваруваат согласно овој закон и колективните договори, а за прашањата поврзани со правата и обврските од работен однос на вработените во јавнообвинителската служба „кои не се уредени со овој закон се применуваат Законот за административни службеници, Закон за вработените во јавниот сектор и Законот за работните односи.

