Андоновки рече дека апликацијата е бесплатна и доброволна и таа претставува дополнителен, побрз канал за пристап до услугите и не ги укинува традиционалните шалтери

Министерството за дигитална трансформација денеска ја промовираше мобилната апликација „м.Услуги“, со која граѓаните добиваат дигитален пристап до јавните услуги и своите електронски документи.
Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски во живо ја демонстрираше функционалноста на апликацијата и во дигиталниот паричник ја додаде својата електронска лична карта.
„Кога почнавме со дигиталната трансформација, целта не беше да креираме уште апликации и портали, туку да ја направиме државата попристапна. Предолго државата за луѓето беше шалтер, работно време и документ што недостига. Со ‘м.Услуги’ почнуваме да го менуваме токму тој однос“,
истакна Андоновски.
Андоновки рече дека апликацијата е бесплатна и доброволна и таа претставува дополнителен, побрз канал за пристап до услугите и не ги укинува традиционалните шалтери.
Додавајќи ја својата електронска лична карта во дигиталниот паричник, Андоновки рече дека ова не е само слика или пе-де-еф, туку верификуван дигитален документ.
Додаде дека поволност е тоа што може селективно да се споделуваат податоци.
„Наместо корисникот да го покажува целиот документ кога треба само да ја потврди својата возраст, апликацијата овозможува да се сподели само потребната информација“,
рече Андоновски.
Министерот додаде дека целта не е постојните административни постапки само да се префрлат од шалтер на мобилен телефон, туку тие суштински да се поедноставуваат.
Тој потенцираше дека „м.Услуги“ е почеток, а не завршен производ, како и дека апликацијата континуирано ќе се надградува.
Во следните фази е предвидено воведување на интегрирани плаќања, можност за користење фотографија во постапките каде што тоа е потребно, нови електронски документи како изводи, уверенија и дипломи, како и значително проширување на бројот на достапни услуги.
Идејата за апликацијата започнала во 2024 година, по инспирација од украинскиот модел Diia, а концептуализациите се реализирани во рамки на европскиот проект GovTech4All преку програмата Digital Europe. Проектот е реализиран во тесна соработка со Министерството за внатрешни работи.
Министерот Андоновски упати повик до институциите активно да ги поврзуваат своите системи, а до граѓаните да ја тестираат апликацијата и со свои предлози да помогнат во нејзино подобрување.
Според Андоновски, успехот на „м.Услуги“ нема да се мери само според бројот на преземања на апликацијата, туку пред сè според времето што ќе им биде заштедено на граѓаните, бројот на непотребни административни чекори што ќе бидат отстранети и бројот на услуги што ќе можат целосно да се завршат дигитално.
