Според соопштението на Министерството за внатрешни работи, четворицата приведени се осомничени за делото разбојништво со последица смрт. Се работи за лицата А. С. (22), Х. Е. (20), К. А. (58) од Скопје и М. Р. (26) од Струмица
Четири лица се приведени во врска со двете убиства на повозрасни лица во Ѓорче Петров, што се случија на разлика од пет дена. Според соопштението на Министерството за внатрешни работи, осомничени се за делото разбојништво со последица смрт. Се работи за лицата А. С. (22), Х. Е. (20), К. А. (58) од Скопје и М. Р. (26) од Струмица.

„Во координација и по издадени наредби од ОЈО Скопје, а со цел комплетирање на целокупниот доказен материјал за понатамошна постапка, за лицата е побаран краткотраен притвор согласно член 170 вв член 165 од Законот за кривична постапка, по што ќе биде поднесена соодветна кривична пријава“,
соопштија од МВР.
Две убиства на постари лица се случија во рок од пет дена во скопската општина Ѓорче Петров. Во двата случаи беше констатирана насилна смрт. Во првиот случај од 22 октомври, 62-годишен маж беше пронајден починат во својот дом, при што лекар констатира смрт со траги на насилство. Вчера МВР објави дека е пријавена смрт на 76-годишна жена, исто така во својот дом во Ѓорче Петров. И кај неа имало видливи траги од насилство.
