Во Северна Македонија и во други држави во меѓународни рамки, како одговор на здравствено-економската криза, не секогаш е обезбедено почитување на фискалните правила за управување со јавен долг и дефицит и има зголемување на нивото на јавниот долг, се наведува во ревизијата на успешност
Во услови пандемијата на ковид-19, постигнат е лимитот на јавениот долг од 60 отсто од бруто-домашниот производ (БДП) и долгот е зголемен за 15 процентни поени, предупредува Државниот завод за ревизија (ДЗР) во ревизијата на успешност на тема „Управување со јавниот долг – задолжување на Република Северна Македонија“.
„Во Северна Македонија, во ковид-19 кризата, јавниот долг е зголемен за 15 процентни поени од БДП и е постигнат лимит на јавен долг од 60 проценти, што може да го доведе во прашање прудентното (претпазливото) управување со јавниот долг и одржливоста на јавниот долг во иднина“,
се посочува во ревизијата.
Како што наведуваат од ДЗР, Во Северна Македонија и во други држави во меѓународни рамки, како одговор на здравствено-економската криза, не секогаш е обезбедено почитување на фискалните правила за управување со јавен долг и дефицит и има зголемување на нивото на јавниот долг.
Ревизијата, како што се посочува, е извршена согласно Годишната програма за работа на Државниот завод за ревизија за 2020 година и го опфаќа периодот од 2015-2020 година, иако одредени области, прашања и настани се опфатени пред 2015 година и последователно до денот на известување од извршената ревизија.
Во ревизорскиот извештај е констатирано дека отсуството на посебен закон/подзаконски акт или стратегиски документ за водење на јавните финансии во исклучителни околности/кризна или вонредна состојба, претставува ризик во управувањето со јавниот долг.
Нагласено е влијанието на фискалната политика во создавањето на јавниот долг.
„Во Северна Македонија, 75 проценти од вкупниот јавен долг, односно 88 отсто од државниот долг е за финансирање на буџетскиот дефицит поради проектирани повисоки расходи од приходи“,
велат од ДЗЕ.
Ревизорите ја истакнуваат потребата од применување на меѓународните добри практики, кои не се предвидени во Уставот и во Законот за буџети, како што се постоење на фискални правила за јавен долг и дефицит, вршење на задолжителна анализа на одржливост на долгот во постапката на донесување на буџетот, како и постоење на план за задолжување во Собранието.
Можноста за задолжување за финансирање на буџетскиот дефицит за тековната и наредните две години, овозможува носење на одлуки за задолжување кога условите на пазарот се најповолни, а со тоа и ефикасно управување со јавниот долг на Северна Македонија.
Сепак, како што се наведува, за потенцирање е фактот дека во процесот на подготовка на буџетот, не е предвидено усвојување на посебен план за задолжување, а постапките за издавање на еврообврзница, преговори на условите на заемот и доделување на „on-lending“ (препозајмување) позајмувања на носителите на јавен долг, не се целосно уредени во законската регулатива, подзаконски акти или интерни процедури.
Исто така, ревизорите констатираа мал процент на реализација на капиталните проекти. Ваквата состојба е резултат на избор на проекти без прецизни и јасни критериуми, не предвидена Методологија за селекција на проекти, реализација на проекти кои не се во рамките на буџетскиот процес, како и отсуството на следење и надзор на проектите. Ваквите состојби влијаат на ефикасното, ефективното и економичното користење на јавните средства и на управувањето со јавниот долг.
Заклучоците на ДЗР во оваа ревизија по однос на јавниот долг се:
Опфатот и доказите што се обезбедени по пат на спроведување на техники и методологија од страна на ревизијата, даваат основа да се изрази следниот заклучок:
- Системот за управување со јавен долг, со исклучок на одредени недостатоци, овозможува ефикасно управување со јавниот долг на Северна Македонија. Дадената можност за задолжување за финансирање на буџетскиот дефицит за тековната и наредните две години придонесува за донесување одлуки за задолжување кога условите на пазарот се најповолни, но постои ризик од задолжување кое не е одобрено од Собранието.
- Во процесот на подготовка на буџетот не е предвидено усвојување на посебен план за задолжување од Собранието , а постапката за издавање еврообврзница, постапката за преговори за условите на заемот и постапката за доделување на „on-lending“ (препозајмување) позајмувања на носителите на јавен долг не се целосно уредени преку одредби во законската регулатива, подзаконски акти или интерни процедури.
- Задолжувањето со билатерален заем за изградба на автопати зависи од условите во договорот за изградба кој е донесен во Собранието како посебен закон, за ова задолжување потребна е рекласификација од гарантиран во државен долг.
- Недоволните капацитети во Секторот за меѓународни финансиски односи и управување со јавен долг во Министерството за финансии и неговата институционална поставеност влијаат на ефикасноста во управувањето со јавниот долг.