Ќе мора многу порационално да се користи јавниот долг, не да ги гасне „малите пожари“, туку за идниот раст на економијата, што сега не е случај поради кризата, вели универзитетскиот професор и поранешен министер за финансии откако долгот достигна 64,4 проценти од БДП
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ реагираат дека е застрашувачки што само во последните три месеци долгот е зголемен за 213 милиони евра
Зголемувањето на јавниот долг на 64,4 проценти од бруто домашниот производ го отвара патот земјава да падне во должничка криза. Со вакво темпо, на долг рок, постои ризик од финансиска нестабилност, со што нема да имаме економски раст и развој, вели, во изјава за Алсат, универзитетскиот професор Никола Поповски.
Тој предупредува дека, ако не се преземат конкретни чекори, може да се случи да не можеме да си ги сервисираме долговите.
„Многу од земјите имаат проблеми со отплатата на јавниот долг, особено ако се користи непродуктивно, а тој сега се користи непродуктивно зaшто служи да ги финансира оние делови од економијата што во нормални услови би остварувале некој доход, што сега го губат поради пандемијата. Тоа сега изгледа лесно и прифатливо за политичарите и за сите зашто на еден начин ги ‘бајпасира’ кризните проблеми. Но тоа ќе остане. И ако не се стави крај, да се почне со штедење, може да завршиме во поголеми проблеми“,
вели Поповски.
Според него, Владата уште сега мора да почне со креирање на политики за штедење и конкретни планови како економијата да остварува раст.
„Јавниот долг од сега ќе мора многу порационално да се користи, не да ги гасне малите пожари кои се појавуваат во економијата, туку да се размислува да се користи за идниот раст на економијата, што сега не е случај заради кризата“,
додава Поповски.
Јавниот долг, заклучно до јуни, изнесува 7,4 милијарди евра или 64,4 проценти од БДП, наспроти очекувањата во фискалната стратегија за управување со јавен долг дека земјава ќе ја заврши 2021 година со јавен долг од 63,9 проценти.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ реагираа денеска дека е застрашувачки што само во последните три месеци долгот е зголемен за 213 милиони евра. Или, како што велат од партијата, ако се пресмета долгот креиран во првите шест месеци од 2021 , тогаш има за 904 милиони евра нов долг.
„Во овие четири години власт на Заев долгот вкупно е зголемен за цели 2,7 милијарди евра или, во просек, власта ја задолжувала државата по 1,9 милиони евра дневно. Да биде полошо, власта на Заев за догодина планира долгот да го искачи најмалку на 8,5 милијарди евра, според планот, или во превод секое семејство да го задолжат во просек по 17.000 евра. Власта само се задолжува, нема капитални инвестиции, никој не знае каде одат парите“,
се наведува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.