Ова е епилогот од вчерашната вонредна седница на Советот на Град Скопје на која советниците доцна синоќа со 32 гласа „за“ ја поддржаа предлог-одлуката од градските власти за пренамена на средства од градскиот буџет за субвенционирање на ЈСП за 2023 година. Вонредната седница со оваа, но и со три други точки на дневен ред беше свикана откако советниците по неколку часа расправа на редовната дваесет и втора седница на Советот не успеаја да го изгласаат предлогот за субвенционирање на ЈСП
Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) ќе продолжи со работа, а студентите и пензионерите ќе можат и натаму да ги користат бесплатно услугите на ова претпријатие од први јануари следната година.
Ова е епилогот од вчерашната вонредна седница на Советот на Град Скопје на која советниците доцна синоќа со 32 гласа „за“ ја поддржаа предлог-одлуката од градските власти за пренамена на средства од градскиот буџет за субвенционирање на ЈСП за 2023 година. Вонредната седница со оваа, но и со три други точки на дневен ред беше свикана откако советниците по неколку часа расправа на редовната дваесет и втора седница на Советот не успеаја да го изгласаат предлогот за субвенционирање на ЈСП.
За време на редовната седница на која траеше расправата по оваа точка, советниците од ВМРО-ДПМНЕ, кои се мнозинство во Советот, во неколку наврати посочија дека нема да ја гласаат оваа одлука бидејќи, според нив, се работи за голема сума пари која треба да му се префрли на претпријатието.
Тие неколкупати побараа од директорот на ЈСП, Александар Стојковски, кој беше присутен во салата, да образложи за што точно ќе се користат и како ќе се распоредат средствата што претпријатието ќе ги добие од буџетот.
„Директорот на ЈСП да ни ги каже состојбите и проблемите со кои се соочува претпријатието и да ни каже во груби црти каде тие пари ќе завршат и јас ќе бидам тој кој ќе се заложам и со мојата советничка група да ја изгласаме оваа одлука“,
рече советникот Страшо Ангеловски од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и уште еднаш го повика директорот на ЈСП да образложи на што ќе се трошат парите кои се предвидува да му бидат дадени на претпријатието.
Сепак, иако настојуваа, одговор директно од него не добија.
Наместо директорот на ЈСП, на говорницата излезе градоначалничката Данела Арсовска која образложи дека на ЈСП му се потребни овие средства од градскиот буџет за од први јануари да продолжи бесплатниот јавен превоз за редовните студенти, но и за пензионерите во деновите кога за нив е предвиден бесплатниот превоз.
Субвенционирањето на ЈСП од градскиот буџет, како што додаде Арсовска, предвидува и исплата на средства за над 1 400 вработени во претпријатието, но и за подмирување на сите останати трошоци како исплата на нафтените деривати кои, како што рече, се многукратно поскапени, а се клучни за автобусите да сообраќаат.
Таа потоа ги замоли советниците да се обединат и да ја поддржат оваа одлука, а настрана да ги остават политичките препукувања.
„Ве замолувам како советници да размислите затоа што никогаш до сега ова не се направило. Треба да размислиме малку подалеку од политичките определби, да размислиме малку подалеку од анимозитетот и од меѓусебните кавги. Никому поединечно нема да наштетите освен на граѓаните. Затоа ве замолувам оваа одлука да ја изгласате исклучиво во интерес на граѓаните затоа што на сите овие категории на лица им ја укинувате можноста да го користат јавниот превоз од први јануари, а понатаму и на целиот град Скопје и на сите негови жители кои го користат јавниот превоз им ја ограничувате можноста односно го доведувате во прашање функционирањето на самото јавно претпријатие“,
рече Арсовска.
Средствата коишто се предвидени за ЈСП, додаде таа, се предвидени во буџетот којшто претходно беше изгласан од самите советници во Советот на Град Скопје.
„Без да се надминат сите овие меѓусебни анимозитети коишто ги има тука, да им го скратите на граѓаните ова што не само што го заслужуваат туку што веќе од буџетот е изгласано за нив. Јас навистина апелирам на вашата совест и ве повикувам да го гласате предлогот затоа што по 1 јануари ќе знаат граѓаните каде е вината“,
додаде градоначалничката.
Одлуката, сепак, не беше изгласана на редовната седница, по што беше свикана нова, вонредна седница на чиј дневен ред повторно се најде предлог-одлуката за субвенционирање на ЈСП.
На оваа седница конечно, од вкупно 39 присутни советници, одлуката беше усвоена со 32 гласа „за“. Со тоа, на ЈСП ќе му бидат префрлени вкупно 630 милиони денари од градската каса.
По гласањето, координаторката на СДСМ, Љубица Јанчева, побара да се гласа поименично, на што координаторката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Андоновска, возврати со барање за пауза од еден час. На тоа, претседателот на Советот Трајко Славески кажа дека ако советниците не се договорат меѓу себе тој ќе ја прекине седницата и ќе ја закаже на 8 јануари следната година.
По ова, советниците на ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија салата, а советниците од СДСМ рекоа дека ако мнозинството не останува на поединечно гласање и тие ќе си одат. Седницата потоа беше прекината.