Според одлуката на второстепениот суд, Јанкулоска од 1 ноември се ослободува од натамошно издржување на затворската казна за случајот „Тенк“ под услов до истекот на условниот отпуст, кој е утврден до крајот на септември следната година, да не стори ново кривично дело
При донесувањето на одлуката од Апелацискиот суд информираат дека го ценеле тоа што Јанкулоска е мајка на петгодишно дете, кое било лишено од мајчинска грижа и воспитување, како и нејзиното примерно однесување за време на досегашното издржување на затворската казна во затворот „Идризово“
„Ме радува што судот имал разбирање и ги уважил нашите наводи од жалбата и еве, на први ноември Јанкулоска ќе излезе на слобода“, изјави за „360 степени“ Влатко Илиевски, сопруг на Јанкулоска, кој е истовремено и нејзин адвокат
Поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска на 1 ноември излегува на слобода откако Апелацискиот суд – Скопје ја уважил нејзината молба за условен отпуст од натамошно издржување на затворската казна за случајот „Тенк“, соопштија денеска од второстепениот суд.

Имено, како што информираат оттаму, Апелација на 4 октомври на нејавна седница одлучувала по жалба на Јанкулоска на одлука на Кривичниот совет на Основниот кривичен суд Скопје донесена претходно по однос на нејзино барање за условен отпуст.
Жалба на решението на Кривичниот суд поднело и Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), која Апелација ја одбила како неоснована.
Според одлуката на второстепениот суд, Јанкулоска од 1 ноември се ослободува од натамошно издржување на затворската казна под услов до истекот на условниот отпуст, кој е утврден до крајот на септември следната година, да не стори ново кривично дело.
„На нејавна седница одржана на 4.10.2023 година, одлучуваше во рамките на предметот оформен по молбата за условен отпуст на осудената Гордана Јанкуловска од Скопје. Постапувајќи по кривичниот предмет КР-133/23, Кривичниот совет на Апелациониот суд Скопје, донесе решение со кое ја одби како неоснована жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Скопје, а ја уважи жалбата на осудената Гордана Јанкуловска од Скопје, при што Решението на Кривичниот совет на Основниот кривичен суд Скопје го преиначи и ја отпушти осудената на 1.11.2023 година од издржување на казната затвор, под услов до истекот на условниот отпуст, 28.9.2024 година, да не стори ново кривично дело“,
се наведува во соопштението објавено на официјалната интернет-страница на Апелацискиот суд Скопје.
Пресудиле мајчинството и доброто однесување во затвор
Апелација во него дава краток осврт на околностите кои биле ценети при одлучувањето, односно дека ги имало предвид списите приложени кон предметот, а пред сè податоците добиени од установата каде што Јанкулоска ја издржува казната, скопскиот затвор „Идризово“.
Меѓу другото, судот, како што се наведува, ги ценел личните прилики на осудената, особено околноста дека осудената Јанкулоска е мајка на петгодишно дете, кое било лишено од мајчинска грижа и воспитување.
„…а посебно ценејќи ги податоците од Установата каде осудената ја издржува казната затвор, со оглед дека осудената ги почитувала правата и обврските кои произлегуваат од куќниот ред на затворот, истата се вклопила во домската средина во која имала максимално пријателски односи со останатите осудени лица и не манифестирала насилни и конфликтни однесувања, имала развиено чувство за лична и општествена одговорност и однесувањето ѝ било во склад со општествените норми. Во досегашниот издржан дел од казната во ниту еден момент не биле евидентирани прекршоци на одредбите од куќниот ред, го почитувала истиот и имала примерно поведение, а воедно и коректен однос кон службените лица“,
се наведува во образложението на Апелација.

Во него се додава и дека од 25 октомври 2022 година Јанкулоска била работно ангажирана во библиотеката на женското одделение и својот ангажман го извршувала со посветеност, навремено и во целост, користела и погодности надвор од установата.
„…што упатува дека осудената се поправила до степен што основано може да се очекува дека на слобода добро би се однесувала и дека нема да врши кривични дела, со што е остварена и целта на казнувањето предвидена со член 32 од Кривичниот законик.
Дека ексминистерката за внатрешни работи излегува од затвор во изјава за „360 степени“ потврди и сопругот и адвокат на Јанкулоска, Влатко Илиевски.
Тој го објасни судскиот пат кој го поминале за да стигнат до конечната одлука што Апелација ја донела на 4 октомври и која е правосилна.
Имено, како што ни изјави Илиевски, барањето за условен отпуст до Основниот кривичен суд Скопје го поднеле кон средината на јули годинава.
„Ние некаде кон средината на јули го поднесовме барањето до Основниот кривичен суд во Скопје за условен отпуст и во него се наведени аргументите за кои сметаме дека целите на извршување на казната се исполнети и од тие причини бараме од судот да дозволи предвремено да ја отпуштат од издржување на затворската казна“,
вели Илиевски.
Илиевски: Со измените на КЗ се декриминализира делото за кое е осудена Јанкулоска
Првично, како што ни изјави тој, Кривичниот совет на Основниот суд донел решение со кое на Јанкулоска ѝ се даваат само пет месеци условен отпуст, на што уследила жалба до второстепениот суд.

По жалбата, Илиевски поднел и дополнение на неа во кое биле наведени и околностите од последните измени на Кривичниот законик.
„Поднесовме жалба, а потоа поднесовме и дополнение на жалбата каде ги наведовме и околностите со измените на Кривичниот законик каде што се декриминализира делото за кое таа е осудена. Станува збор за ставот 5 од членот 353, а бидејќи максималната казна за слични случаи со измените на КЗ е три години, а таа веќе издржала три години, што значи дека нема општествен интерес и дека не е справедливо кон нејзе да се продолжи со извршување на казната бидејќи одредбите од КЗ кои беа изменети ја загубиле својата општествена функција и значење. Предложивме судот да ги земе предвид и тие аргументи“,
вели Илиевски.
Од краткото образложение на Апелација не може да се заклучи дека судот ги ценел и аргументите поврзани со измените на Кривичниот законик.
„И, еве, сега ме радува што судот имал разбирање и ги уважил нашите наводи од жалбата и еве, на први ноември Јанкулоска ќе излезе на слобода“,
додава адвокатот и сопруг на поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.
Инаку, ексминистерката ја издржува четиригодишната затворска казна од септември 2020 година откако беше правосилно осудена во случајот „Тенк“ за набавката на владиниот луксузен „мерцедес“. Во истиот случај е осуден и експремиерот Никола Груевски, кој избега во Унгарија.
Инаку, Јанкулоска неодамна беше гостин во интервју за емисијата „360 степени“, каде што говореше за престојот и условите во ,,Идризово”; неодамнешната средба со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски; нејзиниот однос кон и со Никола Груевски; актуелниот судир во партијата; измените во Кривичниот законик; начинот на владеење на ВМРО-ДПМНЕ од 2006 до 2017 г.; има ли каење за дел од постапките; плановите за во иднина…
Во врска со измените на Кривичниот законик, кои кренаа голем прав во јавноста, таа изрази поддршка, посочувајќи дека членот 353 од КЗ, кој според неа доживеал суштински измени, бил член по кој одговараа сите поранешни функционери и сега и во минатото.
Предлог-измените на Кривичниот законик кои Владата ги поднесе во Собранието по скратена постапка (со европско знаменце) предизвикаа лавина реакции во јавноста. Со нив, меѓу другото, се предвидува намалување на казните во членот 353 кој се однесува на злоупотреба на службената положба и овластување, кој најчесто се користеше за гонење службени лица и функционери, како и намалување на казните за делото злосторничко здружување од членот 394, односно наместо сегашните кои предвидуваат од една до десет години затвор, на една до три години затвор. Тоа повлекува и порано застарување на кривичните дела.
Со неодамнешните измени на Кривичниот законик отпадна досегашниот став 5 од член 353 од КЗ, кој гласеше:
„Ако делото од ставовите (1) и (4) е сторено при вршење јавни набавки или штета на средствата од Буџетот на Република Македонија, од јавните фондови или од други средства на државата, сторителот ќе се казни со затвор од најмалку пет години“.