Со 52 гласови „за“ словенечкото Собрание го изгласа Јанез Јанша за нов мандатар за составување Влада. Гласањето беше тајно, а беше по предлог на претседателот на државата Борут Пахор, откако по состаноците со парламентарните партии беше јасно дека е формирана нова мнозинска коалиција меѓу СДС (Словенечка демократска партија), СМЦ (Партија на Модерен Центар), ДеСУС (Демократска Партија на пензионерите во Словенија) и НСИ (Нова Словенија).
„Нема да губиме многу време и веднаш по формирањето на Владата ќе се зафатиме со решавање на проблемите на граѓаните“,
изјави Јанша по гласањето.
На гласањето му претходеше и собраниска дебата во која пратениците од новата коалиција го поддржуваа Јанез Јанша за нов мандатар, а другиот блок партии беа категорично против. Пратениците на ЛМШ (Листа на Марјан Шарец) кажаа дека помалите коалициски партнери на СДС се виновни што според нив, Словенија добива популистичка Влада и дека го прекршиле своето ветување дека никогаш нема да направат коалиција со СДС и Јанша.
Од ДеСУС изјавија дека треба да и се даде простор да ги убеди граѓаните дека ќе работи за нивно добро и се убедени дека новата Влада позитивно ќе изненади. Јанша, сега има законски рок од 15 дена да ја состави новата Влада. Словенечките медиуми информираат дека тој нема да чека две недели, а новиот владин состав ќе го објави веќе на почетокот на следната недела.
Новата Влада ќе има мандат од две и пол години, што е периодот до следните редовни парламентарни избори.
Претседателот на Собранието на Словенија, Дејан Жидан поднесе оставка веднаш по изгласувањето на Јанша за нов мандатар за состав на Влада. Жидан од собраниската говорницата изјави дека веќе поднел писмена оставка.
„Се повлекувам бидејќи не сакам да стојам на патот на новата коалиција. Сакам да се заблагодарам за сите успеси кои заедно ги направивме. За мојата една и пол годишна работа направивме успешна регионална соработка, а дадовме и голема поддршка за евроинтеграциите на Северна Македонија“,
истакна Жидан.
До изборот на новиот претседател на Собранието, седниците ќе ги водат највозрасните пратеници.