Веќе утре треба да почне изборната кампања, но првите луѓе на ДИК се недостапни и нема кој да закаже седница за ревидирање на изборниот роковник
Неизвесно е дали членовите на ДИК ќе се соберат денеска на седница за да го ревидираат изборниот роковник, согласно со владината Уредба за изборите, а откако синоќа на полноќ заврши вонредната состојба. Веќе утре треба да почне изборната кампања, но првите луѓе на ДИК се недостапни за нивните колеги во Комисијата.
Проблемот е во тоа што нема кој да ја закаже седницата. Претставниците на СДСМ во ДИК не можат да го најдат претседателот Оливер Деркоски, а недостапна, според наши информации, е и потпретседателката на ДИК Дитмире Шеху, која е од редовите на ДУИ.
Како што велат во ДИК, според Деловникот на Комисијата, седниците ги закажува и ги води претседателот, а во негово отсуство таа обврска ја добива потпретседателот на Комисијата. Иницијатива за седница, пак, може да даде кој било член на ДИК.
Поради тоа, според наши информации членовите на ДИК од другите партии (СДСМ и Беса) испратиле службено известување до претседателот и до потпретседателката дека, согласно со владината Уредба за изборите, денеска (ден по завршувањето на вонредната состојба) ДИК има обврска да го ревидира роковникот, за да продолжат дејствијата за избори на 5 јули, што беа прекинати на 21 март, со што беа одложени и изборите што првично беа закажани на 12 април.

Наспроти опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која е против избори во јули, односно не се согласува гласањето да се реализира ниту на 5, ниту на 8 јули, ДУИ самата предложи изборите да бидат во првата недела од следниот месец. Вицепремиерот Бујар Османи од ДУИ изјави денеска дека во овој момент изборите ѝ се попотребни на земјата отколку есента минатата година, кога партиите постигнаа консензус за вонредни избори во април.