Премиерот појасни дека е прекршен членот 2 од Договорот за добрососедство, кој предвидува поддршка од бугарска страна за македонските евроинтеграции
Во Брисел денеска се одржува дискусија на амбасадорско ниво за преговарачката рамка за С Македонија, како и за Албанија, додека министерскиот совет на кој треба да се носи одлуката е одложен за една недела
Ја имаме првата непријателска порака и блокада од Бугарија за преговарачката рамка, објави попладнево премиерот Зоран Заев одговарајќи на новинарско прашање по увидот на магистралниот гасовод Скопје-Тетово-Гостивар.
„Ја имаме првата блокада од Бугарија. Денеска е прекршен членот 2 од Договорот, ние досега не прекршиме ништо. Ова е непријатно чувство. Треба да бидеме паметни и да го решиме спорот на пријателски начин, а денеска е испратена не така пријателска порака од соседна Бугарија. Првиот чекор е блокиран“,
изјави Заев.
Членот два од Договорот за добрососедство, појасни Заев, вели дека Бугарија треба да нѐ поддржува кон патот за интеграција. Бугарската страна, како што посочи, треба да го сподели своето искуство, со цел да ѝ помогне на С Македонија да ги исполни неопходните критериуми за членство во Европската Унија и да ја поддржи Македонија за добивање покана за членство во НАТО, согласно соодветните одлуки од средбите на врвот на НАТО.

„Среќен сум што ја имаме поддршката од страна на Германија“,
изјави Заев.
Во Брисел денеска се одржува дискусија на амбасадорско ниво за преговарачката рамка за Северна Македонија, како и за Албанија. Министерскиот совет, пак, на кој треба да се носи одлуката за преговарачката рамка е одложен за една недела.
Министерскиот совет, кој требаше да се одржи на 10 ноември и на кој требаше да се одлучува за усвојување на преговарачките рамки за Скопје и Тирана, е одложен за 17 ноември поради критичен контакт на германскиот министер за Европа, Михаил Рот, со лице позитивно на ковид-19, соопшти портпаролот на германското претседателство на Твитер, Себастиан Фишер.
#Servicetweet: The next video conference of European Affairs Ministers will be postponed by a week to 17 November due to the fact that the chair, @MiRo_SPD, had to go into self-isolation after a critical contact during a meeting with European counterparts. #GAC @EUCouncilPress https://t.co/eCuISrz8Yn
— Sebastian Fischer (@SFischer_EU) November 6, 2020
По средбата во Берлин, од македонската Влада дојдоа оптимистички сигнали дека интензивните контакти меѓу Скопје и Софија ќе резултираат со надминување на недоразбирањата, посебно во однос на последните инсистирања на бугарската страна С Македонија да признае дека македонските идентитет и јазик имаат бугарски корени.
Иако по средбата во Берлин и шефицата на бугарската дипломатија Екатерина Захариева изјави дека има напредок во разговорите, таа вчера повторно изјави дека Бугарија во овој момент не е подготвена да ја одобри преговарачката рамка.