Георгиев денеска изјави дека завршила оценската мисија на ЕУ за состојбите во Судскиот совет. Не откривајќи многу детали, тој рече дека имале неколку состаноци на кои било дискутирано за прашања во однос на законските одредби од Законот за Судски совет и Законот за судовите. „Очекуваме извештај кој во догледно време ќе го разгледуваме вака транспарентно пред медиумите“, рече претседателот на Судскиот совет
Во петокот од кабинетот на вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, соопштија дека се очекува тимот на ЕУ да предложи краткорочни и среднорочни мерки за реформа на Судскиот совет
Имавме неколку состаноци на кои дискутиравме за прашања во однос на законските одредби, изјави кусо денеска претседателот на Судскиот совет, Сашко Георгиев, во врска со оценската мисија на Европската Унија за состојбите во Советот.
Оценската мисијата на ЕУ заврши кон крајот на минатата недела, по што се очекува експертскиот тим, предводен од судијата во Врховниот суд на Хрватска, Бранко Хрватин, наскоро да излезе со предлог-мерки.
Георгиев најави дека извештајот на оценската мисија ќе биде разгледан транспарентно пред медиумите.
„Во овој дел само ќе кажам, да, заврши оценската мисија. Имавме неколку состаноци на кои имавме дискусија за прашања во однос на законските одредби од Законот за Судски совет и Закон за судовите. Заврши оценската мисија, очекуваме извештај, кој ќе биде транспарентно претставен и во догледно време ќе го разгледуваме вака транспарентно пред медиумите“,
рече претседателот на Судскиот совет одговарајќи на новинарско прашање на заедничката прес-конференција со неговиот колега од Советот на јавни обвинители, Антонио Јолевски по повод потпишување на Меморандум за соработка.
За завршувањето на оценската мисија јавноста дозна од соопштението за средбата што во петокот попладне со Хрватин ја имала вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска. Финализирањето на оценската мисија минатата недела го најави и евроамбасадорот Дејви Гир.
Од кабинетот на Грковска наведоа дека се очекува тимот на ЕУ да предложи краткорочни и среднорочни мерки за реформа на Судскиот совет.
Вицепремиерката Грковска, според соопштението, пред хрватскиот врховен судија рекла, „за жал, Судскиот совет како една од најважните институции која треба да гарантира независност, објективност, ефикасност и квалитет во правосудниот систем, го изгуби кредибилитетот и мора да се преземат итни мерки за надминување на оваа состојба“.
„Вицепремиерката Грковска му достави на Хрватин документ во кој се наведени конкретни слабости што Кабинетот за политики за добро владеење ги детектираше во функционирањето на Судскиот совет, а кои во еден дел се однесуваат на унапредување на мерит-системот и на критериумите за избор на судии, унапредување на транспарентноста при изборот, како и низа други решенија во насока на зајакнување на независноста на оваа институција“,
соопштија од кабинетот на Грковска.
Правниот експерт Хрватин рекол дека во рамките на оценската мисија тој и неговиот тим имале низа средби преку кои детално се запознале со состојбите во оваа институција. Следува подготовка на извештајот, по што се очекува да бидат доставени препораките кои ќе содржат конкретни предлози за реформи на краток и на среден рок.
Финализирање на оценската мисија на ЕУ за Судскиот совет во четвртокот најави и евроамбасадорот Дејвид Гир, додавајќи дека експертскиот тим ќе се врати во Брисел, а потоа се очекува да бидат објавени резултатите и препораките за работата на Судскиот совет.
Оценската мисија што ЕУ ја испрати во земјава кон крајот на јули годинава се фокусира на работата на Судскиот совет, кој последниве неколку месеци беше во центарот на вниманието на јавноста поради низата скандали и превирања во него. Се работи за советодавна група која треба да помогне во изнаоѓање на начините на кои ЕУ може да одговори на прашањата за професионализмот, интегритетот и независноста на Судскиот совет, за ова тело да може во иднина да ја врши својата работа во духот на овие вредности.