Израел го обвинува Хамас дека ги користи парите за финансирање терористички активности
Војската на Израел запленила средства во вредност од околу 1,3 милиони долари за време на војната со исламистичкиот Хамас во Појасот Газа, соопшти денеска портпаролката на израелското Министерство за одбрана. Поголемиот дел од парите биле во израелски шекели и биле пронајдени „во упоришта на Хамас и во домовите на бараните лица каде што бил активен Хамас“, соопшти Министерството.
Запленети се и пари во ирачка и јорданска валута, и американски долари. Запленетите пари ќе бидат уплатени во израелската каса.
Израел го обвинува Хамас дека ги користи парите за финансирање терористички активности.
Портпаролката не кажа како израелската влада ќе ги потроши парите.
Пред една недела, комисијата за финансии на израелскиот парламент одобри буџет од 1,15 милијарди шекели (308 милиони долари) за обнова на израелските гранични пунктови уништени на 7 октомври, кога Хамас и други милитанти го нападнаа Израел, убивајќи околу 1 200 луѓе, главно цивили, и киднапирајќи околу 240 луѓе.
Израел одговори со опсежни воздушни напади, блокада на Појасот Газа и копнена офанзива.
Хамас тврди дека во израелскиот напад врз Појасот Газа загинале речиси 15 илјади луѓе.