„Ситуацијата на северната граница на Израел бара промена… Времето за дипломатско решение истекува, доколку светот и либанската влада не дејствуваат со цел да го спречат пукањето врз жителите на северот на Израел и да го оддалечат Хезболах од границата, ИДФ ќе го стори тоа“, изјавил министерот без ресор во воениот кабинет на Нетанјаху, Бени Ганц
Израелската војска е подготвена одлучно да дејствува против шиитската милиција Хезболах на границата со Либан доколку продолжат нејзините напади, предупреди израелски министер, пренесува Би-би-си.
Министерот без ресор во израелската Влада и член на воениот кабинет, Бени Ганц, на прес-конференција вчеравечер, изјавил дека израелските одбранбени сили (ИДФ) ќе интервенираат доколку светот и либанската влада не ги запре нападите на милитантите на Хезболах врз северен Израел.
„Времето за дипломатско решение истекува“,
додава тој.
Инаку, прекуграничната размена на оган меѓу Израел и милитантите на Хезболах во Либан ескалираше по нападите на Хамас врз Израел на 7 октомври, што предизвика загриженост дека конфликтот во Газа би можел да се прошири на остатокот од регионот.
„Ситуацијата на северната граница на Израел бара промена… Времето за дипломатско решение истекува, доколку светот и либанската влада не дејствуваат со цел да го спречат пукањето врз жителите на северот на Израел и да го оддалечат Хезболах од границата, ИДФ ќе го стори тоа“,
рекол Ганц.
Ганц, инаку дел од опозицијата во Израел, се согласи да биде дел од вонредната воена влада на Нетанјаху, формирана по нападите на Хамас.
Според Би-би-си, оваа недела имало зголемен интензитет на ракетни напади и употреба на беспилотни летала од страна на Хезболах, на што израелската војска возвратила со воздушни напади.
Либанските државни медиуми вчера објавија дека припадник на шиитиската милиција и двајца негови роднини биле убиени во израелски воздушен напад.
Нападот, наводно, погодил куќа во Бинт Џбеил, град на околу 2 километри од границата со Израел. Во соопштението на Хезболах било наведено дека една од жртвите е австралиски државјанин кој бил во посета на своето семејство.
Од почетокот на непријателствата, повеќе од 100 луѓе се убиени во Либан, од кои повеќето се борци на Хезболах. Но, меѓу загинатите, како што се наведува, има и цивили, вклучително и тројца новинари.
Од израелска страна, според она што е познато, досега загинале најмалку четворица цивили и двете војници на границата со Либан, а илјадници цивили кои живеат во десетици заедници во областа се евакуирани од страна на израелската армија.
Инаку, шиитската муслиманска организација Хезболах е прогласена за терористичка организација од страна на западните држави, Израел, арапските земји од Персискиот Залив и Арапската лига.
Нејзиното раководство го поздрави нападот на Хамас врз јужен Израел на 7 октомври, во кој беа убиени најмалку 1 200 луѓе – повеќето цивили – а околу 240 други беа земени како заложници.
Од друга страна, според Министерството за здравство во Газа, кое е под контрола на Хамас, од почетокот на воената кампања на Израел врз енклавата досега се убиени повеќе од 21 000 луѓе, од кои најмногу жени и деца.
Илјадници палестински семејства во Газа се обидуваат да најдат засолниште додека Израел ја проширува својата копнена офанзива низ централниот и јужниот дел на опколената територија.