Нападите биле насочени кон околината на градот Дара, а се случиле во текот на ноќта и дошле од правец на Голанската Висорамнина
Осум војници загинаа, а уште седум други се ранети во напад на израелската војска извршен врз воени позиции во Сирија, пренесуваат светските агенции повикувајќи се на сириски државни медиуми.
Цитирајќи ја сириската државна новинска агенција – САНА, Асошиејтед прес (АП) пренесува дека нападите биле насочени кон околината на градот Дара, а се случиле во текот на ноќта и дошле од правец на Голанската Висорамнина.
Инаку, откако започна војната меѓу Израел и Хамас на 7 октомври, Израел изврши неколку напади во Сирија, вклучувајќи два на аеродромот во Дамаск и три на аеродромот во Алепо.
Израел ги гаѓаше аеродромите и поморските пристаништа во деловите на Сирија кои се под контрола на владата во обид да спречи испорака на оружје од Иран за милитантните групи, вклучувајќи го и либанскиот Хезболах.
Претходно израелската војска соопшти дека нејзините борбени авиони ја погодиле воената инфраструктура и минофрлачите на сириската армија како одговор на вчерашните истрелани ракети од Сирија кон Израел.
Израелската војска во текот на ноќта го интензивираше бомбардирањето на јужниот дел на Газа, по еден од најсмртоносните денови за Палестинците од почетокот на конфликтот, додека во меѓувреме светските лидери повикуваат на прекин на борбите за да се овозможи влезот на хуманитарна помош во опколената енклава.
Соединетите Американски Држави (САД) и Русија ги предводат меѓународните повици за привремен прекин на борбите меѓу Израел и Хамас за да се дозволи помош во Газа каде што Палестинците живеат во ужасни услови, со недостиг на вода, храна и гориво.
Инаку, вкупно 704 Палестинци, меѓу кои 305 деца, се убиени вчера соопшти Министерството за здравство во Газа, под контрола на Хамас. Канцеларијата на Обединетите нации за координација на хуманитарната помош за Палестина соопшти дека станува збор за највисокиот смртен биланс во еден ден од почетокот на конфликтот пред речиси три недели.
Израел ги започна нападите врз Газа откако милитантите на Хамас ги нападнаа јужните израелски градови на 7 октомври убивајќи 1 400 луѓе, од кои повеќето цивили.
Американскиот претседател Џо Бајден и престолонаследникот на Саудиска Арабија, Мохамед бин Салман, вчера во телефонски разговор се договориле за поширока дипломатија со цел да одржи стабилноста во регионот и да се спречи проширување на конфликт, соопшти Белата куќа, пренесува Ројтерс.
Во меѓувреме на интензитет добија судирите меѓу израелската војска и Палестинците на окупираниот Западен Брег, а судири има и меѓу Израел и либанската вооружена група Хезболах вдолж израелско-либанската граница.