Во заедничкото соопштение се наведува дека Израел и Либан се договориле повторно да ги продолжат политичките и безбедносните разговори на 22 јуни, со цел постигнување сеопфатен договор
Разговорите меѓу делегациите траеја речиси девет часа и следуваа по целодневните консултации што претходно се одржаа во американскиот Стејт департмент
Израел и Либан постигнаа согласност за спроведување на прекин на огнот, но неговата реализација ќе зависи од целосен прекин на нападите од страна на Хезболах и повлекување на сите негови оперативци од јужен Либан. Ова е наведено во заедничката изјава објавена вчера по последната рунда разговори со посредство на Соединетите Американски Држави (САД), пренесува Си-ен-ен.

Договорот е постигнат во период на зголемени тензии, откако Израел се закани со ескалација на воените активности во Либан, потег што би можел дополнително да ги усложни дипломатските напори во регионот.
И покрај постојното примирје, изминатиот период е обележан со меѓусебни напади и обвинувања за негово прекршување.
Разговорите меѓу делегациите траеја речиси девет часа и следуваа по целодневните консултации што претходно се одржаа во американскиот Стејт департмент.
Во заедничкото соопштение се наведува дека Израел и Либан се договорија повторно да ги продолжат политичките и безбедносните разговори на 22 јуни, со цел постигнување сеопфатен договор.
САД ќе продолжат да ја олеснуваат комуникацијата меѓу двете страни до следната рунда преговори.
Страните се согласија и за забрзување на формирањето пилот-зони во кои либанските вооружени сили ќе имаат исклучива контрола врз територијата, без присуство на недржавни вооружени групи. Сепак, не е утврден конкретен рок за воспоставување на овие зони.
Во соопштението се наведува дека Израел смета оти неговата безбедност и територијален интегритет можат да бидат гарантирани само преку разоружување на Хезболах и демонтирање на неговата инфраструктура на територијата на Либан.
„Овие чекори ќе овозможат напредок кон сеопфатен договор за мир и безбедност“,
се наведува во соопштението.
Од американска страна е истакната подготвеност за поддршка на либанските вооружени сили, со цел зајакнување на нивните капацитети и овозможување поефикасно остварување на државниот суверенитет на целата либанска територија.
Договорот е постигнат по дводневни разговори на високо ниво меѓу израелски и либански претставници, одржани во Вашингтон со посредство на САД, а засега не е прецизирано дали новиот договор за прекин на огнот е временски ограничен, за разлика од претходните продолжувања на примирјето кои беа дефинирани за одредени временски периоди.
Инаку, прекинот на огнот што беше договорен во април со посредство на САД не успеа целосно да ги запре судирите меѓу двете страни. Во изминатите месеци Израел и Хезболах повеќепати меѓусебно се обвинуваа за прекршување на договореното примирје, додека повремените напади дополнително ги зголемија тензиите во регионот.
