Тројца американски функционери и еден функционер на Хамас потврдија дека е постигнат договор, додека висок израелски функционер рече дека некои детали сѐ уште се разработуваат. Каков и да е постигнатиот договор, тој мора да биде одобрен од владата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, но се очекува да стапи во сила во наредните денови
Израел и Хамас постигнаа договор за прекин на огнот и ослободување на заложниците во Газа, потврди денеска американски официјален претставник. Договорот претходно беше објавен од извор информиран за разговорите во Катар, а поздравен од новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп.
Трамп изјави дека постои договор за заложниците кои ги држи радикалната палестинска група Хамас во Појасот Газа.
„Имаме договор за заложниците на Блискиот Исток, тие наскоро ќе бидат ослободени“,
напиша Трамп на својата социјална мрежа Трут соушл.
Западни медиуми јавија дека Палестинците во Појасот Газа прославуваат.
Идниот специјален пратеник на Трамп за Блискиот Исток, Стив Виткоф, учествуваше заедно со претставници на владата на актуелниот американски претседател Џо Бајден во преговорите водени под покровителство на Катар и Египет за ставање крај на војната во Појасот Газа.
Новоизбраниот американски претседател, кој ќе ја преземе функцијата в понеделник, исто така рече дека ќе работи со Израел и сојузниците за да се осигури дека Газа „никогаш веќе нема да биде оаза за терористите“.
Опишувајќи го договорот како „епски“, Трамп рече дека договорот можел да биде постигнат само благодарение на неговата „историска“ изборна победа, бидејќи тоа „сигнализирало на целиот свет“ дека неговата администрација „ќе бара мир и ќе преговара за договори за да се осигури безбедноста на сите Американци и нашите сојузници“.
Според договорот меѓу Израел и Хамас, 33 заложници треба да бидат ослободени во првата фаза од ослободувањето на заложниците, што треба да трае шест недели, а најмалку тројца се ослободуваат секоја недела.
Тројца американски функционери и еден функционер на Хамас потврдија дека е постигнат договор, додека висок израелски функционер рече дека некои детали сѐ уште се разработуваат. Каков и да е постигнатиот договор, тој мора да биде одобрен од владата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, но се очекува да стапи во сила во наредните денови.
Канцеларијата на Нетанјаху: Не е постигнат договор
Кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху соопшти дека не е постигнат договор.
Кабинетот на премиерот соопшти дека Хамас се повлекол поради „цврстиот став“ на Нетанјаху за најновите барања во врска со распоредувањето на силите во коридорот Филаделфија меѓу Газа и Египет. Сепак, кабинетот на Нетанјаху посочува дека има уште „неколку отворени клаузули“ во договорот што треба да се решат – но премиерот се надева дека деталите ќе бидат финализирани во наредните часови.
Договорот предвидува три фази
Официјални лица запознаени со наводниот договор споделиле дополнителни детали со Ројтерс. Се чини дека има три фази, од кои првата трае шест недели. Оваа фаза вклучува постепено повлекување на израелските сили од центарот на Газа и враќање на раселените Палестинци во северниот дел на Газа.
Договорот предвидува дека за време на прекинот на огнот, 600 камиони со хуманитарна помош ќе бидат дозволени во Газа секој ден, од кои 300 ќе бидат наменети за север. Хамас ќе ги ослободи заложниците во период од шест недели, по три секоја недела, а останатите ќе бидат ослободени до крајот на првата фаза.
Војната меѓу Израел и Хамас започна на 7 октомври 2023 година. Според израелските податоци, речиси 1 200 луѓе биле убиени, а околу 250 заложници биле земени во заробеништво во Појасот Газа.
Според информациите од Министерството за здравство на Хамас, над 46 000 Палестинци загинале во последователната израелска офанзива во крајбрежната енклава.