Седењето во самоизолација и ставањето во државен карантин за оние кои ќе ја прекршаат наредбата за изолација стануваат законска обврска.
Тие се пропишани во една од уредбите кои Владата ги донесе на вчерашната седница, а уредбите со прогласувањето на вонредната состојба имаат законска сила. Уредбата ќе стапи на сила веднаш со објавувањето во Службен весник.
Така, во оваа Уредба пишува за лицата кои биле или за кои постои сомнеж дека биле во непосреден контакт со некој заразен со коронавирус се применува мерката строга изолација во домашни услови во период од 14 дена. Лицето ќе потпише и изјава дека ќе ја почитува мерката, а ако ја прекрши тогаш ќе оди во државен карантин во објект определен од Владата.
Трошокот за престојот во државен карантин ќе падне на негов грб.
Со Уредбата со законска сила, се предвидува и задолжителен државен карантин за граѓаните кои ќе се вратат во земјата од некоја од државите кои се со висок, среден или низок ризик поради коронавирусот. Тоа значи, дека оние кои ќе се вратат од странство нема да одат во домашна изолација туку директно во државен карантин.
Меѓутоа, за нив, трошоците ќе ги покрие Владата.
Објектите каде ќе се спроведува државниот карантин ќе ги чува полицијата и Армијата.
Владата ја објави интегрално содржината на Уредбата:
Член 1
Законот за заштита на населението од заразни болести („Службен весник на Република Македонија“ бр. 66/04; 139/08; 99/09; 149/14; 150/15 и 37/16), ќе се применува за време на траење на вонредната состојба, доколку со оваа уредба со законска сила не е поинаку уредено.
За видот на болеста која се пренесува од човек на човек за која при лекувањето се применува мерката строга изолација (карантин), за лицeто на коe му се одредува строга изолација (карантин), за одредување на мерката строга изолација (карантин), за објектите за спроведување на мерката строга изолација (карантин) и за местото и за времетраењето на примена на мерката строга изолација (карантин), за време на траење на вонредната состојба се применуваат одредбите од оваа уредба со законска сила.
Член 2
За заболени од заразната болест коронавирус COVID-19, при лекувањето се применува мерката строга изолација (карантин) во домашни услови или во здравствена установа, за што одлучува здравствен работник по извршена проценка на тежината на клиничката слика.
На лице кое било или се сомнева дека било во непосреден контакт со лице заболено или инфицирано со коронавирус COVID-19 се применува мерката строга изолација (карантин) во домашни услови (домашна изолација) во времетраење од 14 дена, за што лицето потпишува писмена изјава под полна морална, материјална и кривична одговорност дека ќе ја почитува мерката, а Државниот санитарен и здравствен инспекторат донесува решение.
Доколку лицето од ставот 2 на овој член не ја применува мерката строга изолација (карантин) во домашни услови (домашна изолација), му се одредува мерката строга изолација (карантин) во времетраење од 14 дена, во објекти определени од Владата на Република Северна Македонија, за што Државниот санитарен и здравствен инспекторат донесува решение.
На лице кое влегува на граничните премини во Република Северна Македонија, а патува од високо, средно или ниско ризични земји утврдено согласно Листата на Светската здравствена организација, му се одредува мерката строга изолација (карантин) во времетраење од 14 дена, во објектите од став 3 на овој член.
Член 3
За времетраењето на мерката строга изолација (карантин), лицето не смее да ја напушта просторијата во која е сместено.
За безбедноста на објектите од член 2 став 3 од оваа уредба со законска сила, за спроведување на мерката строга изолација (карантин), се грижат Министерството за внатрешни работи и Министерството за одбрана- Армијата на Република Северна Македонија, кои ги обезбедуваат влезните пристапи во објектот, а доколку објектот е на катови ги обезбедуваат и сите катови.
Припадниците на Министерството за внатрешни работи и Министерството за одбрана-Армијата на Република Северна Македонија, кои ги обезбедуваат објектите од член 2 став 3 од оваа уредба со законска сила, во кои се спроведува мерката строга изолација (карантин), задолжително носат заштитна опрема.
Трошоците за исхрана и одржување на хигиената во објектите во кои се спроведува мерката карантин за лицата кои влегуваат на граничните премини во Република Северна Македонија, а патуваат од високо, средно или ниско ризични земји утврдено согласно Листата на Светската здравствена организација, се надоместуваат од средства од Буџетот на Република Северна Македонија.
Трошоците за исхрана и одржување на хигиената во објектите во кои се спроведува мерката карантин за лицата на кои не ја почитувале мерката строга изолација (карантин) во домашни услови (домашна изолација), се надоместуваат од страна на тие лица.
Член 4
Државниот санитарен и здравствен инспекторат во вршењето на инспекцискиот надзор заради отстранување на утврдените неправилности има право и обврски да поднесе кривична пријава против лицето од член 2 од оваа уредба со законска сила на која се применува мерката строга изолација (карантин) во домашни услови, во здравствена установа или во објектите од член 2 став 3 од оваа уредба со законска сила, доколку тоа своеволно го напушти карантинот пред истекот на неговото времетраење.
Доколку за лицето од став 1 на овој член се определи мерка притвор, истата се спроведува во објектите од член 2 став 3 од оваа уредба со законска сила.
Член 5
Оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“