По изгласаните измени на Кривичниот закон за делата злоупотреба на службената положба и овластувања и злосторничко здружување, а кои предизвикаа бура реакции меѓу стручната јавност и на политичката сцена, од Јавното обвинителство велат дека не се во можност да коментираат или да изнесуваат ставови, туку откако ќе стапат на сила новите законски одредби, тие доследно ќе ги применат
Во дел од актуелните предмети кои се познати во јавноста, целосно ќе прекине кривичниот прогон, а во дел постапките ќе продолжат за преостанатите кривични дела. На пример, се очекува да паднат во вода ТНТ, „Траекторија“, „Титаник 2“… Во „Таргет-Тврдина“, пак, за Мијалков ќе застари делото злосторничко здружување, а нема да застари за злоупотреба на службената положба и овластување. Во „Титаник“ на Груевски ќе му застари „злосторничкото здружување“, но не и делата поврзани со изборни нерегуларности
Во најмалку 14 судски процеси познати во јавноста, каде што на обвинителна клупа седат поранешни функционери, ќе настапи застареност на кривичните дела злосторничко здружување и злоупотреба на службената положба и овластувања. Речиси сите судски случаи се предмети кои ги отвори сега расформираното Специјално јавно обвинителство (СЈО), а во нив се опфатени над 80 лица.
Ваквата судбина на предметите ја испишаа пратениците откако вчера во Собранието изгласаа измени на Кривичниот законик со кои ги намалија пропишаните казни за двете кривични дела, воведоа горна граница на максималната казна, а и укинаа еден став од членот за злоупотреба на службената положба и овластувања. Со тоа предвидоа и порано застарување на делата.

„ТНТ“, „Талир“, „Талир 2“, „Таргет-Тврдина“, „Трезор“, „Тарифа“, „Дизајн“, „Топлик“, „Титаник“, „Тендери“, „Титаник 2“, „Траекторија“, „Шпански скали“, предметот за градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски…
Ова се имињата на 14-те предмети каде што на обвинителна клупа се над 80 лица, а за кои невладината организација Коалицијата „Сите за правично судење“ објави дека ќе настапи застареност по контроверзните законски измени.
„Во евиденцијата на предмети не се земени предвид истрагите кои се наоѓаат во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК)“,
велат од Коалицијата.
Во дел од наведените предмети целосно ќе прекине кривичниот прогон, во дел, пак, постапките ќе продолжат за преостанатите кривични дела, но во случај на осудителна пресуда казните ќе бидат помали.
Јавното обвинителство нема да изнесува ставови

Измените кои експресно беа изгласани во Собранието предизвикаа бура реакции кај стручната јавноста и на политичката сцена, а од Јавното обвинителство, пак, не коментираат. До обвинителството упативме неколку прашања. Каков е ставот на обвинителството во врска со изгласаните измени и што ќе значат тие за тековните предмети кои не се правосилно завршени? Што ќе се случува со предметите каде обвинетите се гонат за ставот 5 од членот 353 за злоупотреба на службената положба и овластувања, а кој со измените се брише – дали тоа ќе значи нова постапка или ќе се прави преквалификација?
Во одговорот што го добивме кратко посочуваат дека нема да изнесуваат став.
„Јавното обвинителство не е во можност да коментира или да изнесува ставови за законски измени, туку откако законските решенија ќе стапат на сила има обврска доследно да ги применува“,
велат од Јавното обвинителство за „360 степени“.
Како што е веќе познато, со измените на Кривичниот законик, пратениците вчера изгласаа промена на ставот 3 од членот 353 за злоупотреба на службената положба и овластувања кој предвидуваше дека „ако сторителот на делото од став 1 прибави значителна имотна корист или нанесе значителна штета, сторителот ќе се казни со затвор најмалку три години.“

Со измените се воведува горна граница на казната и ставот гласи:
„Ако сторителот од делото од став (1) на овој член, со намера прибави за себе или за друг поголема имотна корист или нанесе поголема имотна штета, ќе се казни со затвор од една до четири години“.

Ставот 5 од истиот член кој со измените се брише и станува непостоечки се однесува на злоупотреба на службената положба и овластувања при вршење јавни набавки или штета на државниот Буџет. Тој гласи:
„Ако делото од ставовите (1) и (4) е сторено при вршење јавни набавки или штета на средствата од Буџетот на Република Македонија, од јавните фондови или од други средства на државата, сторителот ќе се казни со затвор од најмалку пет години“.

Со неговото бришење, се додаваат два други става:
„(5) Со казната од ставовите (1), (2), (3) и (4) на овој член ќе се казни и одговорно лице, одговорно лице на странско правно лице што има претставништво или врши дејност во Република Северна Македонија или лице што врши работи од јавен интерес, ако делото е сторено во вршење на неговото посебно овластување или должност.
(6) Прибавената имотна корист се одзема“.

Со оглед дека од Јавното обвинителство нема одговор што ќе се случува со обвинетите за ставот 5 од членот 353 очекувањата на правниците со кои се консултиравме се дека веројатно ќе има преквалификација, односно тие ќе се гонат по некој од преостанатите членови, веројатно по ставот 1 каде затворската казна е од шест месеци до три години.
Покрај за злоупотребата на службената положба и овластувања, пратеници изгласаа промени и во ставовите од членот 394 – злосторничко здружување со што затворски казни во актуелниот закон „од една до десет години“ (став 1) и од „шест месеци до пет години“ (став 2) се намалуваат до три (став 1) односно до две години (став 2).

- Власта по брза постапка ќе ги намалува казните за злоупотреба на службената положба и злосторничко здружување
- Владата „тајно“ ги утврди, Собранието експресно, со 48 гласа „за“ ги донесе измените на Кривичниот законик
- Кој „потајно“ ги поддржува, а кој е против измените на КЗ – опозициските партии со меѓусебни обвинувања
За кого ќе прекине кривичниот прогон

Меѓу предметите кои целосно ќе застарат и ќе прекине кривичниот прогон, на пример, е случајот ТНТ што се однесува за уривањето на комплексот „Космос“ во Гази Баба. Обвинети се експремиерот Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, бившиот градоначалник на Гази Баба Тони Трајковски и уште четири други лица.
Сите се гонат за членот 353 – злоупотреба на службената положба и овластувања по ставовите 3 и 5. Делото според обвинението е сторено во периодот од април 2011 до крајот на 2012. И во сценариото да има преквалификација и да им се стави на товар ставот 2 од членот 353 каде е предвидена највисоката затворска казна од пет години, тоа ќе значи дека за апсолутна застареност потребни се 10 години (двојно повеќе од максималната затворска казна). Имајќи предвид дека последните дејствија на кривичното дело во ТНТ се крајот на 2012, тоа значи дека застареност настапила на крајот на 2022 година.
Ист е случајот и со предметот „Топлик“ за продажбата на градежно земјиште за изградба на резиденцијалната населба Сончев Град во Сопиште. Јанакиески и таму е обвинет со уште пет други лица и сите се гонат за злоупотреба на службената положба и овластувања. Според обвинението, делото е сторено од 3 април 2007 до 18 февруари 2013 што значи дека апсолутна застареност според истите пресметки настапила во февруари 2023 година.
Во оваа група е и случајот за изградбата на автопатиштата познат како „Траекторија“. Јанакиески, заедно со поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски и бившиот директор на Агенцијата за државни патишта Љупчо Георгиевски се гонат за злоупотреба на службената положба и овластувања. Делото, според обвинението, во случајот е сторено во периодот од октомври 2012 до октомври 2013 што значи дека следниот месец ќе се навршат 10 години од последните дејствија што ги преземале обвинетите.

Меѓу овие случаи е и „Дизајн“ за набавката на кинеските автобуси во кој денеска на условна казна беше осуден Игор Јанушев.
Листата продолжува и со „Титаник 2“, каде обвинети се пратеникот и лидер на ДПА, Мендух Тачи, и поранешни членови на Државната изборна комисија (ДИК) кои се гонат по ставот 5 од членот 353 кои сега се брише. Во овој предмет веќе имаше едно застарување – застаре делото примање награда за противзаконито влијание за кое се гонеше ексшефот на УБК, Сашо Мијалков.
Мијалков, пак, со измените веројатно е дека ќе се спаси од прогон и во случајот „Трезор“ за набавката на британската опрема за следење на комуникациите во периодот од 2010 до 2012 година. Со него обвинети се поранешниот началник на Петтата управа на УБК, Горан Грујевски, и експомошник-министерот во МВР, Небојша Стајковиќ, како и поранешниот началник на оддел во УБК, Тони Јакимовски. И во овој случај предмет на обвинение е ставот 5 од членот 353.
Во „Таргет-Тврдина“ и „Титаник“ ќе продолжи судењето за дел од кривичните дела

Застарувања на дела се очекува да има и во најважниот случај што го отвори СЈО – „Таргет-Тврдина“ за масовното незаконско прислушување. Таму, бришењето на ставот 5 од членот за злоупотреба на службената положба и овластувања ќе ги тангира, на пример, ексминистерката Гордана Јанкуловска, како и Тони Јакимовски и Никола Бошкоски.
За бившиот шеф на УБК, Сашо Мијалков, пак, ќе нема застарување за злоупотреба на службената положба и овластување бидејќи тој се гони по став 2, каде максималната казна е пет години, што значи дека апсолутна застареност ќе има во 2025 година. Од друга страна, пак, ќе му застари делото од членот 394 – злосторничко здружување.
Мијалков се гони според ставот 1 од овој член каде максималната затворска казна во актуелниот закон е десет години, а со измените таа се намалува до три години, па за апсолутна застареност се потребни шест години. Со оглед дека прислушувањето се однесува на периодот до 2015 година, застареноста според измените ќе се смета дека настапила во 2021 година. Сличен расплет на настаните се очекуваат и за бегалецот Горан Грујевски…
Повеќе застарувања се очекуваат и во предметот „Титаник“, каде за сите за кои е во тек судскиот процес ќе застари делото злосторничко здружување. Меѓутоа, судскиот процес ќе треба да продолжи за делата поврзани со изборни нерегуларности. На пример, поранешниот премиер Груевски покрај за злосторничко здружување се гони и за злоупотреба на средствата за финансирање на изборната кампања, и за повреда на избирачкото право, како и Кирил Божиновски, кој исто така се гони за злоупотреба на средствата за финансирање на изборна кампања.
Пендаровски не го искористи правото на вето и реши да го потпише указот

Откако вчера законски измени на КЗ поминаа во Собранието, за да стапат на сила остана да бидат потпишани од претседателот Стево Пендаровски, како и да бидат објавени во „Службен весник“.
Граѓанскиот сектор денеска упати барања до шефот на државата да го искористи своето право и да стави вето на изгласаните измени. Меѓу оние што го повикаа се Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата, како и Блупринт-групата за реформи во правосудството, во кои членуваат бројни невладини организации.
- Пендаровски да стави вето на измените на Кривичниот законик, бара Платформата за борба против корупција
- И Блупринт-групата бара од Пендаровски да не става потпис на указот за измените во Кривичниот законик
Меѓутоа, доцна поладнево, од кабинетот на претседателот соопштија дека тој решил да го потпише Указот.
„Ве информираме дека претседателот Пендаровски денеска одлучи да го потпише Указот за прогласување на Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик. Со измените во Кривичниот законик, усвоени од Собранието, не е предвидена амнестија за кривичните дела сторени во вршење на службата. Напротив, казни и понатаму се предвидени за сторителите на тие дела, со тоа што со овие измени акцентот е ставен и на т.н. проширена конфискација на имот. Во тој дел, измените на Законикот се усогласени со eвропската Директива за замрзнување и конфискација на предмети и имотна корист, која освен казната затвор, фокусот го става на одземањето на имотната корист од сторителите на овие кривични дела“,
пишува во образложението од кабинетот.
Оттаму додаваат дека претседателот Пендаровски очекува мерката проширена конфискација на имот да не остане само на хартија како што е досега, туку многу почесто да биде применувана во пракса и во сите случаи на констатирани злоупотреби во вршењето на службата, незаконски стекнатата имотна корист и злоупотребените средства да бидат вратени во буџетот.