Според полицијата, како што пренесе Би-би-си околу 9 000 патници на аеродромот во Медан во Северна Суматра биле тестирани со користени стапчиња за брисеви од нос
Неколку вработени во фармацевтска компанија во Индонезија се уапсени под сомнение дека ги миеле и ги препродавале веќе искористените тестови за коронавирус.
Според полицијата, кко што пренесе Би-би-си околу 9 000 патници на аеродромот во Медан во Северна Суматра биле тестирани со користени стапчиња за брисеви од нос.
Државната фармацевтска компанија „Кими Фарм“ сега се соочува со можни тужби од патници.
Тестот за ковид, кој се прави со брис од носот, стана вообичаена практика во многу земји погодени од пандемијата.
Според индонезиската полиција, вакци користени тестови на овој аеродром циркулираат од минатиот декември.
Патниците мора да имаат негативен тест за да можат да патуваат со авион, а аеродромот нуди опција за брис од нос на самото место. Аеродромските власти ги користеле брзите тестови на „Кими Фарм“.
По извештаите за патници кои добиле лажно позитивни резултати од тестот, минатата недела полицијата испрати службеник во цивил преправен како патник.
Според локален весник, откако бил тестиран и добил позитивен резултат од тестот, други полицајци извршиле рација на местото, каде ги пронашле искористените тестови.
Минатата недела беа уапсени пет вработени во фармацевтската компанија „Кими Фарм“, меѓу кои и управителот на филијалата во Медан. Тие се обвинети за загрозување на здравјето и законот за заштита на потрошувачите.
Според локалните медиуми, властите собрале изјави од 23 сведоци, а исто така испитуваат дали профитот од продажбата на вакви тестови, проценет на 1,8 милијарди рупии (124 800 американски долари), биле искористени за изградба на раскошната куќа на еден од осомничените.
„Кими Фарм“, со седиште во главниот град Џакарта, по ова го отпушти персоналот и вети дека ќе ги засили контролите.
Оваа недела, двајца адвокати кои честопати летавле од аеродромот во Медан во последните месеци, изјавија дека планираат да ја тужат „Кими Фарм“ и бараат милијарда рупии за секој од оштетените патници преку колективна тужба.