Со 101 глас „за“ Собранието ја изгласа техничката влада. Од присутните 111 пратеници никој не беше „против“ ниту воздржан.
Оливер Спасовски е премиер Владата за спроведување избори. Наќе Чулев и Рахела Мизрахи се министри за внатрешни работи, односно за труд и социјална политика.
„Овие избори ќе го диктираат понатамошниот пат на државата. Овој пристап е значаен за да не се избега од стратешките цели на земјата“,
истакна мандатарот Спасовски.
„Нашата држава се наоѓа во исклучително значаен период, кога е потребно да се организираат фер и демократски избори. Владата ќе овозможи континуитет во работата на институциите. Денес имаме држава која за неколку месеци ќе застане рамо до рамо со членките на НАТО. Имаме историска одговорност за организирање на фер и демократски избори. Според оценките на ОБСЕ-ОДИХР сите избори од 2016 година навака се одлично оценети. Граѓаните се носители на демократијата, тие ги носат одлуките и никој друг“,
рече техничкиот премиер во експозето.
Според Артан Груби од ДУИ, владата која функционираше во минатите две и пол години е најуспешната влада која досега раководела со државата.
„Ние денеска остваруваме законска обврска за избор на техничка влада која треба да ги организира изборите. Пораката е, нема враќање назад од Охридскиот рамковен договор, од договорот со Грција и договорот со Бугарија“,
рече Груби.
Јован Митревски од СДСМ, исто така, зборуваше за успесите на претходната влада – враќање на пари кај граѓаните, решение на проблемите на стечајците, отворени нови 60.000 работни места. Или, како што рече, за две и пол години направено е многу повеќе споредено со претходните 11 години.
„Живееме во нормална држава, медиумите се слободни, граѓаните се слободни, нема меѓуетнички тензии. Оваа влада мораше од пепел да ги крене институциите. Оваа техничка влада нема да дозволи да ги потрошиме следните три месеци залудно. Одговорноста ја имаат и министрите од ВМРО-ДПМНЕ“,
рече Митревски.
Оваа влада ќе ја биде, рече независниот пратеник Панчо Минов. Тој рече дека од преодната влада очекува да постигне единство за измена и на изборниот модел.
„Единствено решение за парламентарната демократија, граѓаните и државата е воведување една изборна единица и отворени листи. Во функција на реформите, да се донесе главната легислатива, Законот за јавно обвинителство,
истакна Минов.
„Како дојдовте, така ќе си одите“,
им порача Илија Димовски на социјалдемократите.
„Дојдовте со техничка влада, ќе си одите со техничка влада“, рече тој и додаде:
„Оваа влада беше со рекордно најголем број министри, најголем буџет. Препораката за вие да бидете премиер ние ја разбираме како партиска работа. Говорите за реформи во безбедносниот систем, но ОТА ви е тотално нефункционална. Правиот пат по кој што одевте е само пат на рекет и тендери. Оваа влада е единствената досега која што ги напушти утврдените национални и државни позиции“.
Министрите во новата Владата дадоа свечени изјави, а на посебна седница беа избрани дополнителните заменици-министри.
Собраниската седница следи откако попладнево претседателот на државата, Стево Пендаровски, му го врачи мандатот на новиот технички премиер Спасовски.
Мандатот на преодната влада ќе биде до објавување на конечните резултати од предвремените парламентарни избори кои ќе се одржат на 12 април годинава.