Министерот вели дека дисциплинската постапка во МВР против Борислав Богдановски се водела под политички притисок
Во кабинетот на техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев е ангажирано лице што доби отказ од Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) поради настаните во Собранието од 27 април 2017 година.
Станува збор за Борислав Богдановски, против кого се водеше дисциплинска постапка поради тоа што наредил да се одземат хард-дисковите со снимките од безбедносните камери во парламентот. Врз основа на дисциплинската постапка, Богдановски доби и отказ, но сега е повторно ангажиран во МВР со договор на дело.
Информацијата за неговиот ангажман за „360 степени“ ја потврди и министерот Чулев, кој на прашањето зошто ангажира човек што бил избркан од УБК поради настаните на 27 април, одговори дека дисциплинската постапка против Богдановски била сомнителна, а отказот го добил незаконски.
„Конкретното лице е ангажирано од страна на МВР со договор на дело. Станува збор за постапка за утврдување дисциплинска одговорност која е водена во исклучително сомнителни околности и со многу политичка притисоци. Одлуката што е донесена во таа постапка е поништена од страна на второстепениот орган задолжен за одлучување по работен однос, односно поништено е решението за престанок на работен однос, при што второстепениот орган го враќа предметот на повторно одлучување, по што Министерството за внатрешни работи, во незаконска постапка и без докази, повторно изрекува отказ. Дополнително, освен дисциплинската мерка која е оспорена, за посоченото лице, не се води и не е заведена прекршочна или кривична постапка преку која би се докажала вина поврзана со конкретниот настан, a поради непостоење елементи за истото“,
вели Чулев за „360 степени“.
Името на Борислав Богдановски, освен во медиумите, беше споменато во исказот на суд на Александар Василевски-Нинџа, кој кажа дека на „крвавиот четврток“ околу 19 часот го видел кај Собранието тогашниот началник на Петтата управа, Борислав Богдановски од Управата и други лица.
Богдановски, кој тогаш бил началник на сектор во УБК, не беше обвинет во најголемиот судски процес за настаните од 27 април 2017 година. Меѓу обвинетите во тој процес, кои се наведуваа како лица што влегле во мониторинг-собата во Собранието за да ги земат хард-дисковите, беа Оливер Радулов и Сашо Марковски (кому поради здравствената состојба му се судеше во одделна постапка).
Во тој случај беа опфатени вкупно 33 лица, но 15 од нив добија амнестија со закон што Собранието го донесе во 2018 година. Од останатите, единствено Игор Дурловски доби ослободителна пресуда, додека другите добија вкупно 211 години затвор. Оваа пресуда сè уште не е правосилна, а ќе стане кога за жалбите за неа ќе се произнесе Апелацискиот суд во Скопје. Јавните седници во Апелација за овој предмет се закажани за наредната недела.
Министерот Чулев бараше преземање и на Синиша Алексовски

Борислав Богдановски не е единственото име што се споменуваше за настаните од 27 април 2017 г., а сега се поврзува со ангажман во МВР. „360 степени“ пред повеќе од еден месец објави дека министерот Чулев почнал процедура за преземање и на контроверзниот екссоветник на претседателот Ѓорге Иванов, Синиша Алексовски, од Агенцијата за разузнавање (АР) во МВР. Еден ден откако објавивме, дополнителната заменик-министерка Славјанка Петровска изјави дека трансферот засега не се случил поради тоа што таа не дала согласност за тоа.
Подоцна и министерот Чулев во изјава за медиумите потврди дека за Алексовски е испратено барање за преземање од Агенцијата за разузнавање. Тој и во неговиот случај не гледаше ништо спорно бидејќи, како што рече, не е поведена ни кривична постапка ниту е обвинет во некој случај досега.
„Сè друго се инсинуации во медиумите во однос на неговиот интегритет. Досега нема ниту обвинителен акт, ниту кривична пријава, ниту е осуден за какво било дело“,
изјави Чулев на 5 февруари 2020 година.
Името на Синиша Алексовски беше споменато од српскиот разузнавач Горан Живаљевиќ во контекст на крвавите настани во Собранието на 27 април 2017 година. Живаљевиќ изјави дека бил присутен во парламентот на 27 април со дозвола од кабинетот на Иванов, поточно од советникот за безбедност на претседателот Синиша Алексовски.

Кабинетот на Иванов реагираше на изјавата на Живаљевиќ и соопшти дека македонските служби не побарале услуги од него. Како што рекоа од кабинетот на Иванов, Живаљевиќ по завршување на дејствијата и активностите во Собранието испратил пораки до лица вработени во институциите, меѓу кои и до посочениот советник Синиша Алексовски дека бил во Собранието, но „со цел да обезбеди алиби и да ја намали одговорноста за своето постапување“.
Еден ден по случувањата во Собранието на 27 април 2017 г., Зоран Заев го обвини претседателот Ѓорге Иванов дека заедно со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, и тогашниот директор на БЈБ, Митко Чавков, се организатори на обид за негово убиство.
Алексовски беше споменат и во судењето за „27 април“ од обвинетите браќа Стефан и Михаил Младеновски, кои во своја одбрана пред судот кажаа дека им било пренесено дека Синиша Алексовски, советник за национална безбедност на Иванов, кажал дека ноќта на 27 април, во 22 часот, ќе биде прогласена воена состојба.
„Стаса информација дека Синиша Алексовски се јавил и кажал оти Иванов ќе предложи воена состојба. Рече дека воената полиција чека на готовс да го апси раководството на СДСМ. Но во 10 часот Иванов не го стори тоа“,
рече во своето сведочење во понеделникот Михаил Младеновски.
По исказот на браќата Младеновски, Алексовски, преку соопштение од кабинетот на Иванов, кажа дека сведочењата се конструкции на лаги, непостоечки комуникации, празни муабети и дека доколку обвинетите знаеле кои се условите и административната процедура за прогласување воена состојба не би биле предмет на манипулација.