Поранешниот американски претседател се товари дека преку својот адвокат ѝ исплатил 130 000 долари на Сторми Даниелс за да молчи за нивната наводна афера пред изборите во 2016 година
Шест поротници од вкупно 12 беа избрани синоќа за поротата на судењето против поранешниот американски претседател Доналд Трамп за фалсификување деловни документи во случајот со тајните плаќања кон порноактерката Сторми Даниелс.
Изборот на поротата почна во понеделникот и може да трае најмалку седум дена. Тоа вклучува избор на 12 жители на Менхетен, област во Њујорк претежно наклонета кон демократите. Се очекува тие да бидат непристрасна порота во кривичниот процес против поранешниот претседател и републиканскиот кандидат на претстојните ноемвриски избори.
Поранешниот американски претседател се товари дека преку својот адвокат ѝ исплатил 130 000 долари на Сторми Даниелс за да молчи за нивната наводна афера пред изборите во 2016 година. Поранешниот адвокат на Трамп Мајкл Коен сведочел дека тој лично ги вршел исплатите на Даниелс. Трамп рече дека планира да сведочи во своја одбрана.
Претходно тој ги отфрли сите обвинувања и ги оцени како политички мотивирани. Обвинението беше покренато во март 2023 година, а почетокот на судењето беше закажан за 25 март годинава, но неколкупати беше одложувано бидејќи тимот на Трамп побара повеќе време за собирање дополнителна документација.
Инаку, овој случај е само еден од четирите со кои се соочува Доналд Трамп оваа година. Сепак, конкретниот судски процес би можел да биде единствениот што ќе одржи пред изборите во ноември на кој експретседателот ќе се обиде да му се реваншира на актуелниот американски претседател Џо Бајден за поразот пред четири години.
Трамп преку тужба бара над 500 милиони долари од поранешниот адвокат кој сведочеше против него
Трамп се соочува со две други федерални кривични пријави – за незаконско ракување со доверливи документи и обид да ги поколеба резултатите од изборите во 2020 година во негова корист, како и кривично дело во Џорџија за обид да влијае на резултатите во таа држава. Засега за ниту еден од овие случаи не е започнато судењето.