Членовите на изборната комисија веќе почнаа да ги бројат гласовите на граѓаните. Дебрани во секој момент очекуваат да го слушнат името на новиот градоначалник на Дебар.
Дебрани гласаа кој ќе ја води нивната општина во следните две години. Членовите и симпатизерите на ДУИ беа оние кои ја славеа победата на нивниот кандидат, Хекуран Дука.
Еден ден по изборите, кандидатот на Алијанса за Албанците, Арбен Аголи, врз основа на гласачките ливчиња кои беа прогласени за неважечки, не ја исклучува можноста за одржување втор круг од изборите. Но, ако за тоа нема основа, Аголи изрази подготвеност да оди во канцеларијата на Дука за да му честита за победата.
„Финалниот чин откако ќе се разјасни сомнежот во однос на неважечките ливчиња доколку таму нема елементи за да има втор круг, сигурно дека ќе одам кај него во канцеларија за да испиеме заедно едно кафе со цел и официјално да му ја честитам победата“, вели Арбен Аголи – кандидат за градоначалник.
А дебарските граѓани откако за време кампањата ги слушнаа кандидатите и откако дознаа кој ќе биде градоначалник на Дебар, од него бараат да ги исполни предизборните ветувања и, пред се, да изнајде решение за да ја спречи миграцијата на младите, со цел да останат и да се развиваат во татковината.
„Воопшто да се намали бројот на невработени, а да може да се намали и емиграцијата, бидејќи во последно време има една вонредна појава – Дебрани заминуваат на големо“.
„Дај Боже да направат нешто за младите, да ги вработат младите, бидејќи ни заминаа, дај Боже да биде поинаку, да се отворат работни места, да има работа“.
По долгиот ден вчера, денеска првиот ден и официјално на чело на општината за Хекуран Дука, ние бевме први гости во канцеларијата на новиот градоначалник. Пред нашите камери вети дека ќе најде решение младите да останат во Дебар, но за тоа рече дека му е потребна поддршка од централната власт. За предизборните ветувања, Дука рече оти ќе се ангажира максимално да ги исполни ветувањата што ги дал пред граѓаните.
„Постојат одредени приоритети, првиот е во делот на регулирање на депонијата, систематизацијата и контролирањето на депонијата, потоа следува односно паралелно ќе се одвива решавањето на проблемот со водата, потоа проблемот со кучињата-скитници, градскиот сообраќај, ветив детско катче кое ќе биде современо за нашите сестри, мајки за да не одат во соседните градови да ги носат децата да се забавуваат туку активностите да ги прават во Дебар“, вели Хекуран Дука- градоначалник на општина Дебар.
Од вкупно 18.652 гласачи во Дебар, правото на глас го искористија 7940, од кои 4106 освои кандидатот на ДУИ, Хекуран Дука, а неговиот противкандидат Арбен Аголи поддржан од Алијанса за Албанците – 3834.
Напишете коментар