Она што е можеби најважна порака и за нас и за целиот свет е дека нема суштински дијалог, рече Вучиќ кој оцени дека со бојкотот Србите на Косово порачале дека сакаат да се слушне нивниот глас

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, оцени дека вчерашните избори во општините во четирите општини во Косово кои се со мнозинство српско население, се дебакл за косовскиот премиер Албин Курти и тектонска промена, односно покажуваат нова политичка реалност.
Според Вучиќ, српскиот народ со бојкотот на изборите вчера покажал дека бара поинаков пристап, пред сè од меѓународната заедница, и оти сака поголема почит и реален дијалог, а не наметнување проблеми.
На повеќе гласачки места, наведе тој, не гласал ниту еден граѓанин, а единствената српска кандидатка од вкупно девет, Слаѓана Пантовиќ, освоила само пет гласа.
Според Вучиќ ова е дебакл и на Курти и на Квинтата (петорката земји: САД, Италија, Германија, Обединетото Кралство и Франција), како и на сите оние што го охрабрувале косовскиот премиер и се лажеле себеси дека „проблемот е во криминалните српски структури на северот на Косово“.
„Второ, ова е историски резултат со оглед дека не се случило никаде на европска почва бидејќи организиравте избори само за една партија, а таа има резултат од 0,029 отсто“,
рече Вучиќ.
Како трет важен резултат од овие избори, според него, е што српскиот народ покажал одговорност и дисциплина.
Најзначајно, пак, истакна српскиот претседател, е што нема суштински дијалог.
„Она што е можеби најважна порака и за нас и за целиот свет е дека нема суштински дијалог. Ние не разговараме, не добиваме наметнати документи кои се секогаш во корист на албанската страна бидејќи Квинтата ја поддржува“,
рече Вучиќ.
Резултатите, нагласи тој, претставуваат сосема нова политичка реалност.
„Ние ќе мора да се однесуваме поинаку, а некои други ќе пора да разберат. Господинот Курти тоа не го разбра. Тој мисли дека со 400 гласови ќе управува со Северна Митровица. Сè може, само немојте после тоа од Србите да барате нешто“,
рече Вучиќ.
Тој ја коментираше и изјавата на портпаролот на Европската служба за надворешни прашања (ЕЕАС), Петар Стано, кој порача дека треба да за заврза дијалогот меѓу косовските Срби и власта во Приштина.
„Србите баш тоа не го сакаат, вие ништо не сте разбрале од ова вчера. Србите бараа да ги сослушате, не сакавте да ги слушнете. Никогаш за ништо не сакавте да ги слушате. Не ја разбравте единствената порака на српскиот народ од вчера. Таа порака е нашиот глас да се слушне и нема да можете да правите ништо без нас“,
рече Вучиќ.
Локалните избори на северот на Косово вчера се одржаа во четири општини: Северна Митровица, Лепосавиќ, Зубин Поток и Звечан. Србите, кои се мнозинство, ги бојкотираа па од над 45 000 граѓани со право на глас излегоа само 1 567 гласачи или 3,47 отсто.
Изборите следуваа откако овие општини останаа без градоначалници од ноември минатата година, кога српските претставници поднесоа оставки од своите функции, поради несогласување со одлуката на владата во Приштина да ги пререгистрира автомобилите со српски таблички.