Потоа би требало да се носи нова одлука за распуштање на Собранието, доколку партиите се согласат изборите да „останат“ предвремени
Другата варијанта е изборите да бидат редовни, за што термините почнуваат да течат во почетокот на октомври
Процедурите за спроведување на десеттите парламентарни избори ќе се вратат на почеток и ќе се остави простор гласањето да се реализира во редовниот термин, наместо да биде вонредно, ако Уставниот суд донесе решение за укинување на одлуката од 16 февруари за распуштање на парламентот. Доколу биде донесена ваква одлука, тоа ќе значи укинување на правните пречки за свикување на Собранието кое веќе трет месец не заседава, така што не учествуваше ниту во процедурите за прогласување вонредна состојба во земјава, во два наврати, иако, според Уставот, законодавната власт има такви надлежности.
Сепак, дали ќе дојде до таква ситуација зависи од тоа дали стручниот колегиум на Уставниот суд в среда ќе ја прифати иницијативата на еден од судиите за преиспитување на одлуката на пратениците да се самораспуштат, со цел на 12 април да се одржат избори. Ако колегиумот се согласи да ја разгледа иницијативата, тогаш, според информациите, треба да се определи судија известител по што точката би била ставена и на дневен ред на седница. Тогаш би се донела одлука дали ќе се поведе постапка за оценување на иницијативата, по што би следело и „судење“ и донесување конечна одлука што во практика би значела враќање на Собранието во функција.

Можното укинување на одлуката за распуштање на парламентот и враќањето на пратениците на работните места, би значело и укинување на сите дејствија поврзани со изборите што беа спроведени од 16 февруари (кога беа распишани изборите), па до 22 март, кога изборите беа стопирани, со Уредба на техничката влада, а- пред самиот старт на кампањата. Со Уредбата беше предвидено спроведувањето на изборните дејствија да продолжи веднаш по завршувањето на вонредната состојба.
Претседателот Стево Пендаровски во петокот за „360 степени“ изјави дека ќе размисли двапати дали, по 15 мај, ќе остане единствениот кој ќе продолжува – 30 по 30 дена вонредна состојба, со оглед на тоа што парламентот не се состана досега да ги потврди двете негови одлуки, за кои, исто така, се водат постапки пред Уставниот суд. Но, за разлика од иницијативата на СДСМ за итна седница на парламентот – единствено за потврдување на одлуките на Пендаровски, евентуалната одлука на Уставниот суд за укинување на одлуката за распуштање на Собранието би значела враќање на овој парламентарен состав во функција со полн капацитет.
Потоа би требало да се носи нова одлука за распуштање на парламентот, доколку партиите се согласат изборите да „останат“ предвремени. Би следела и нова одлука на претседателот на парламентот за распишување избори – со нов термин за гласање, што би значело и враќање на почеток на сите изборни процедури, почнувајќи од увидот во изборачкиот список до составување на кандидатски листи за пратеници, наспроти оние кои веќе беа утврдени на 13 март. Во таков случај, со оглед на уставниот рок од максимум 60 дена од распуштање на парламентот до одржување на изборите, се уште има простор десеттите парламентарни избори да се одржат во текот на летото, односно пред можниот нов бран на коронавирусот. Другата варијанта е изборите да бидат редовни, за што термините почнуваат да течат во почетокот на октомври, со оглед на тоа што на 30 декември годинава ќе се заокружат точно четири години од конституирањето на овој собраниски состав.
Кон средината на април Уставниот суд ја отфрли иницијативата на Тодоро Петров од СМК за оценување на уставноста на одлуката за распуштање на парламентот. Од Уставниот суд велат дека овој пат не се спори дали одлуката за самораспуштање на парламентот е уставна, туку дека проблем е тоа што таа не ја оствари целта поради која беше донесена, односно што не се одржаа избори во рок од 60 дена, така што сега е создаден вакуум во функционирањето на клучните институции на државата.