Анализата на гласовите покажува дека освен на гласачкото место во „неговото“ обвинителство – ВЈО Гостивар, победникот Ислам Абази освои солиден број гласови и во ВЈО Штип – 7, каде гласаа обвинителите од Источна Македонија, како и во ВЈО Скопје, каде се очекуваше убедлива доминација на неговиот ривал Ермон Незири. За разлика од ова, Незири, на пример, не доби ниеден глас во ВЈО Гостивар
До Комисијата за спроведување на изборите за шеф на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) не се пристигнати приговори за вчерашното гласање на кое победи гостиварскиот виш обвинител Ислам Абази, потврдија од Советот на јавни обвинители за „360 степени“.
Рокот за приговори беше пет часа по објавување на резултати, а право на приговор имаа и кандидатите и гласачите, во случајот сите јавни обвинители во државата.
Ова значи дека резултатите објавени вчера се конечни и сега останува и формално на седница на Советот на јавни обвинители Ислам Абази да биде назначен за нов шеф на ОЈО ГОКК. Неофицијално, се очекува седницата да се одржи в понеделник, 14 ноември, кога ѝ истекува мандатот на актуелната шефица Вилма Русковска.
Тогаш, воедно, истекува и мандатот на Абази како шеф на Вишото јавно обвинителство (ВЈО) Гостивар, позиција на која беше избран на истата седница на Советот кога Русковска беше назначена за шефица на ОЈО ГОКК пред четири години.
На вчерашните избори Абази победи со само два гласа повеќе од обвинителот Ермон Незири, кој е актуелен заменик-шеф на ОЈО Скопје. Абази имаше 66, а Незири 64 гласа. Во трка беа и досегашната шефица Вилма Русковска која доби 14 гласа, како и Деса Пауновска, обвинителка во ВЈО Гостивар, која заврши со 10 гласа.
Ова беа први избори што се организираа според новиот Закон за јавно обвинителство, а на кои гласаа сите обвинители во државата.
Се гласаше на пет избирачки места, а анализата на резултатите покажува дека Абази победил на три од нив.
Кои беа петте избирачки места
Петте избирачки места беа во четирите виши јавни обвинителства во државата и во републичкото обвинителство.
Во републичкото гласаа само обвинителите што се вработени таму, додека во ВЈО Скопје гласаа вишите, но и обвинителите од основните обвинителства за кои е надлежно скопското вишо обвинителство: ОЈО Скопје, ОЈО Велес, ОЈО Куманово, ОЈО Кавадарци, ОЈО Гевгелија и ОЈО Крива Паланка.
Во ВЈО Битола гласаа вишите обвинители од ова обвинителство и основните од: ОЈО Битола, ОЈО Прилеп, ОЈО Охрид, ОЈО Струга и ОЈО Ресен.
Потаму, во ВЈО Гостивар право на глас имаа вишите и обвинителите од: ОЈО Тетово, ОЈО Гостивар, ОЈО Кичево и ОЈО Дебар.
И во ВЈО Штип гласаа вишите и обвинителите од: ОЈО Штип, ОЈО Струмица, ОЈО Кочани, ОЈО Делчево, ОЈО Берово, ОЈО Радовиш и ОЈО Свети Николе.
Речиси сите во ВЈО Гостивар гласале за Абази, Незири имаше 23 гласа повеќе од него во ВЈО Скопје
Ако се погледнат резултатите по избирачки места, може да се забележи дека на избирачкото место во ВЈО Гостивар, речиси сите гласале за Абази. Тој таму освоил 16 гласа, додека неговиот најголем конкурент Незири има нула гласови. Ниту еден глас таму не добила и Вилма Русковска. Деса Пауновска, која му е колешка на Абази во ВЈО Гостивар, пак, од тамошните колеги добила само два гласа.
Како контраст, на гласачкото место во ВЈО Штип, во кое гласаа обвинителите од источна Македонија, севкупниот победник Ислам Абази доби седум гласа, а Незири освои 12. Пауновска таму имаше два, додека Русковска не доби ниту еден.
Абази победи и на гласачкото место во Битола. Освои 13 гласа, додека Незири четири. Русковска само еден, а Пауновска ниту еден.
Третото гласачко место каде победи Абази е републичкото обвинителство. Таму тој освои шест гласа. Неизи, Русковска и Пауновска, пак, по еден.
Во ВЈО Скопје, каде се очекуваше доминација на Незири, Ислам Абази стигна до солидни 24 гласа гласа, а Незири освои 47. Русковска имаше 12, а Пауновска пет.