Додека повеќето анкети ѝ даваат предност на ЦДУ, евентуална победа на АфД може да нанесе удар врз надежите на Лашет за наследник на Меркел, пред федералните избори
Избори за нов парламент се одржуваат денеска во германската источна покраина Саксонија-Анхалт, што се смета за своевиден тест пред претстојните федерални избори.
Денешното гласање, според проценките, може да им нанесе удар на надежите на конзервативецот Армин Лашет за наследник на канцеларката Ангела Меркел.
Анкетите покажуваат мала предност за демохристијаните (ЦДУ), но крајно десничарската Алтернатива за Германија (АфД) заостанува само еден процентен поен во анкетата објавена во петокот.
Додека повеќето анкети ѝ даваат предност на ЦДУ, евентуална победа на АфД може да нанесе потенцијален силен удар врз надежите на Лашет.
Меркел, која е на власт од 2005 година, ќе се повлече од функцијата по федералните избори, а високи претставници на ЦДУ велат дека ќе биде тешко да се задржи атрактивноста на партијата кај гласачите, по 16 години на власт.
Националните анкети покажуваат дека Зелените се речиси изедначени со ЦДУ, каде што двете партии имаат околу една четвртина од гласовите. Како што пренесуваат германските медиуми, АфД обично има подобри резултати во поранешниот социјалистички Исток, каде што економијата е послаба отколку на Запад. Силите на АфД во Саксонија-Анхалт веќе ја насочија дискусијата кон односите на ЦДУ со политичката десница.