Ажурираната излезна анкета објавена рано утрово покажува дека актуелната владејачка партија ПиС има освоено 36,6 отсто од гласовите, додека Граѓанската коалиција предводена од поранешниот полски премиер Доналд Туск има 31 отсто. Сепак, на изборите добро поминаа и две групи кои би можеле да коалицираат со Туск. Станува збор за централнодесничарскиот Трет пат со 13,5 отсто и Левица со 8,6 отсто освоени гласови
Поранешниот премиер на Полска и експретседател на Европскиот совет, Доналд Туск, прогласи победа на парламентарните избори што вчера се одржаа во земјата, јавуваат светските агенции. Тој победата ја прогласи само неколку минути по затворањето на гласачките повикувајќи се на резултатите на излезните анкети.
Иако анкетата покажува дека владејачката популистичка и националистичка партија Право и правда (ПиС) освоила најмногу гласови на изборите, сепак, нивниот број е недоволен за да формира влада, што го отвора патот на опозициската демократска коалиција предводена од Туск за ново владејачко мнозинство.
Полска под партијата Право и Правда постојано беше во судир со Европската Унија околу прашањата за владеењето на правото, слободата на медиумите, миграцијата и правата на ЛГБТ-заедницата, што доведе до замрзнување на десетици милијарди евра од страна на институциите на ЕУ.
Туск, како што пренесува „Гардијан“, победата ја прогласи од изборниот штаб на Граѓанската коалиција во Етнографскиот музеј во Варшава.
„Ова е крај на злите времиња, ова е крај на владеењето на ПиС, успеавме“,
рече Туск, кој беше поздравен со овации од насобраните поддржувачи.
„Ја освоивме демократијата, ја освоивме слободата, ја освоивме нашата слободна сакана Полска… овој ден ќе биде запаметен во историјата како светол ден, повторното раѓање на Полска“,
рече тој.
Ажурираната излезна анкета објавена рано утрово покажува дека ПиС има освоено 36,6 отсто од гласовите, додека Граѓанската коалиција на Туск 31 отсто. Сепак, на изборите добро поминаа и две групи кои би можеле да коалицираат со Туск. Станува збор за централнодесничарскиот Трет пат со 13,5 отсто и Левица со 8,6 отсто освоени гласови.
Доколку ваквиот резултат биде потврден, тоа би значело дека трите партии ќе имаат мнозинство во полскиот парламент кој брои вкупно 460 пратенички места. Како дополнително добра вест за полските прогресивци, медиумите го посочуваат и тоа што, според излезните анкети, Конфедерацијата – екстремно десничарска коалиција, освоила 6,4 отсто од гласовите, иако претходно на предизборните анкети се очекуваше да добие околу 9 отсто.
По објавувањето на првичните резултати утрово зајакна и полската валута злота, за 1,3 процент.
Иако тоа се очекуваше утрово, сепак, поголема јасност за изборните резултати од парламентарните избори во Полска ќе има во текот на денот, а за конечните резултатите ќе се чека и утре.
Дел од аналитичарите за „Гардијан“ велат дека е за очекување претседателот на Полска, Анджеј Дуда, да ѝ даде прва шанса за формирање влада на ПиС, но, клучно е, вели професорот по полски студии на Универзитетот Кембриџ, да се почекаат официјалните резултати кои би можеле да ја сменат сликата.
„Долги години сум политичар. Јас сум спортист. Никогаш во животот не сум бил толку среќен што навидум го заземам второто место. Полска победи. Победи демократијата. Ги отстранивме од власта“,
им рече Туск на своите поддржувачи.
Дека тие ќе ја сочинуваат идната полска влада е очигледно и за шефот на парламентарната фракција на Граѓанската коалиција, Борис Будка.
„Следните 40 часа, 60 часа ќе покажат како ја градиме оваа коалиција. Но, за нас е очигледно дека (владина) коалиција ќе бидеме ние, Третиот пат и Левицата“,
рече Будка.
Тој нагласи дека победата на опозицијата ќе значи враќање на пријателските односи на Полска со ЕУ и крај на заканата од „полегзит“.
Барбара Новачка, пратеничка од Граѓанската коалиција која жестоко ја критикуваше акцијата на ПиС против абортусот, рече дека е јасно дека опозицијата победила и дека тоа е важен ден за полските жени.
Качински: Нè чекаат денови на борба и напнатост
Претседателот на ПиС, 74-годишниот Јарослав Качински, рече дека резултатот на неговата партија е голем успех, но призна дека не знае дали партијата има шанса да состави влада.
„Нè чекаат денови на борба и напнатост“,
им рече тој на приврзаниците веднаш по објавувањето на излезните анкети.
„Мораме да имаме надеж и мораме да знаеме дека без разлика дали сме на власт или опозиција, ќе продолжиме да го спроведуваме нашиот проект и нема да дозволиме Полска да биде предадена“,
рече тој.
Во жестоката кампања во последните месеци, двете страни го опишуваат гласањето на парламентарните избори како одлучувачко за иднината на Полска. Туск ги опиша изборите како „последна шанса“ да се спречи ПиС да ѝ нанесе непоправлива штета на полската демократија.
Партијата на Право и правда водеше кампања според популистички урнек, пишува Гардијан, тврдејќи дека е единствената партија што може да ја заштити Полска од „инвазија“ на бегалци.