Поранешниот хрватски премиер Иво Санадер е осуден на шест години затвор, а првиот човек на унгарската нафтена компанија МОЛ, Жолт Хернади, треба да одлежи две години, гласи пресудата на Жупанискиот суд во Загреб.
Иво Санадер не присуствуваше на изрекувањето на пресудата бидејќи се наоѓа во затворот во Реметинац каде што издржува друга казна, додека Хернади е во Унгарија која не смее да ја напушти бидејќи Хрватска има активирано т.н. европски налог за апсење.

Тој е осуден за сторено коруптивно дело бидејќи во 2009 година за да му овозможи на МОЛ стекнување управувачки права во хрватската нафтена индустрија ИНА примил мито во висина од 10 милиони долари од Хернади.
Доколку пресудата стане правосилна, на барање на Обвинителството, Санадер на државата треба да ѝ ги врати парите што ги зел како мито од Хернади.
Ова е втора пресуда во случајот со оглед дека Санадер во 2012 година беше осуден, но пресудата ја укина Уставниот суд на Хрватска.
На новото судење повторно беа изведени истите докази, засилени со материјали кои хрватското обвинителство ги добило од Австрија од кои се утврдува дека една од двете офшор-компании преку кои се вршеле исплатите во 2009 година била во сопственост на поранешниот директор на МОЛ, а тогашен советник на Хернади, Јожеф Тот.