Според неа, доколу ДКСК сака да ја врати довербата кај граѓаните, предметот веднаш треба да биде отстапен кај друг член на Комисијата, а не тој и понатаму да биде во рацете на Ристовска, која била професорка на Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје – институцијата од каде што е и дипломата на првиот човек на АНБ, Бојан Христовски
Членката на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) Цвета Ристовска, ако има и малку морал, треба веднаш да си поднесе оставка за случајот со дипломата на директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Бојан Христовски, смета поранешната претседателка на Комисијата, Билјана Ивановска.
Според неа, доколу ДКСК сака да ја врати довербата кај граѓаните, предметот веднаш треба да биде отстапен кај друг член на Комисијата, а не тој и понатаму да биде во рацете на Ристовска, која била професорка на Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје – институцијата од каде што е и дипломата на првиот човек на АНБ, Бојан Христовски.

„Ова веќе е работа на Обвинителство. Ако оваа членка има и малку морал треба веднаш да си поднесе оставка. Оваа цела работа треба да ја преиспита Обвинителство според мене“,
рече Ивановска во Дневникот на Сител.
ДКСК тврдеше дека Ристовска не е дел од наставниот кадар на приватниот Универзитет за туризам и менаџмент, но дека сепак имала соработка на ниво на гостин-предавач.
„Требало да биде изземена веднаш, затоа што имала деловни односи со факултетот, без оглед дали е паричен надомест или не. Штом веќе имала деловен однос, тоа претставува ризик за одлучување. Следниот ден беше избришана од наставниот кадар на веб-страната на факултеот, па додадена и ова пиши-бриши ја повредува интелигенцијата на граѓаните“,
рече Ивановска.
Ивановска рече дека се сомнителни и другите аспекти од одлуката на антикорупционерите да се изземат од другите спорни моменти при изборот на Христовски.
„Имаме две професорки кои се судски се осудени со истиот сертификат како оној на Христовски. Наместо ДКСК да се повлече од своите тврдења, тие велат сертификатот е валиден. ДКСК се повика на изјава на инспектор, наместо корупцијата сами да ја истражуваат.. Сертификатот за англиски јазик е прогласен за валиден додека не се докаже спротивното, а спротивното е веќе докажано. За дипломата на факултетот, инспекторот кажал дека е во ред – не може само да се основате на работата на инспекторот, треба да се направи и свое истражување за поткрепување“,
децидна беше Ивановска.
За работното искуство, не разбра јавноста каде и колку работел. За безбедносниот сертификат – неговите подредени во моментов (во АНБ) не може да кажат не. Не знам дека некој таков случај кој добил за 10 дена безбедносен сертификат. За тоа е најмалку потребно половина година.
Овој член да си даде оставка и да биде разрешен од Собранието. Оваа цела работа треба да ја преиспита Обвинителство според мене, додаде Ивановска.
Директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојaн Христовски, на функцијата, според Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), е именуван согласно законските услови.
Антикорупционерите на седница минатата недела со мнозинство гласови одлучија да ја запрат, да ја затворат и архивираат постапката по иницијативите со кои се спореше именувањето на Бојан Христовски.
Комисијата се прогласи за ненадлежна да одлучува, односно да врши директна експертиза на ТОЕФЛ-сертификатот на Христовски за познавање на англискиот јазик, како и за дипломата од Економскиот факултет при Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје, а кои предизвикаа најголемо внимание во јавноста, особено сертификатот издаден во Пловдив, Бугарија.
Предметот го реферираше антикорупционерката Цвета Ристовска.
Како што објави Телма, таа врши две функции. Едната како антикорупционер, а другата како дел од наставниот кадар на Универзитетот за туризам и менаџмент „Скопје“, од кој диплома има Христовски.
На Ристовска како членка на ДКСК, според Телма, ѝ бил доделен предметот за директорот на АНБ во кој по анонимна претставка беше оспорена и факултетската диплома на Универзитетот „Скопје“, која ја пријавил Христовски за да исполни услови за врвна безбедносна позиција во тајната служба.
Но, иако е дел од наставниот кадар на истиот Универзитет, Ристовска не се откажала од предметот за директорот на Агенцијата. На седницата на ДКСК, таа уверуваше дека просветниот инспекторат не нашол ништо спорно во факултетската диплома издадена на Универзитетот каде што таа е дел од наставниот кадар.
Инаку, „360 степени“ објави серија стории во врска со спорниот ТОЕФЛ-сертификат на Христовски, издаден од училиште „Јулија Ко.“ од Пловдив, Бугарија.
Од судски пресуди, во кои имавме увид, произлезе дека две директорки на јавни установи, по признание на вина, биле осудени на условни казни од две години затвор поради тоа што употребиле документ со невистинита содржина, односно ТОЕФЛ-сертификати токму од „Јулија Ко.“ од Пловдив.
Случајот со двете директорки завршил на суд по кривична пријава од Министерството за внатрешни работи (МВР) во време кога со него раководеше Панче Тошковски.
Бевме и во Пловдив. Но, таму го немаше ниту училиштето, ниту неговите сопственици. Дополнително, според документите достапни во бугарскиот трговски регистар, утврдивме дека фирмата „Јулија Ко.“ нема деловна активност најмалку од 2019 г. наваму, така што не би можела да издаде сертификат во 2022 г., од кога датира оној на Бојан Христовски.
(ВИДЕО) По трагите на „Јулија“ во Пловдив – фирма има, но само на хартија
