Коментирајќи го новиот предмет за Рашковски, кој Државната комисија за спречување на корупција го отвори по сториите на „360 степени“ во кои објавивме дека Генералниот секретаријат лани купил софтвер за сообраќајни прекршоци, кој МВР не знае и не планира да го користи, претседателката на комисијата, Билјана Ивановска, во интервју за Радио Слободна Европа вели дека досега немаат одбиено одговор од Владата за нивните барања и дека очекува да биде испочитуван законскиот рок.
„До сега немаме одговори. Ние ги испративме нашите барања на крајот на минатата и почетокот на оваа недела, имаат законски рок од 15 дена, претпоставувам дека ќе почитуваат тој рок, дека нема да го надминат. Меѓутоа, некакви брзи одговори не сме добиле“,
вели Ивановска.
За другиот предмет за Рашковски, Ивановска рече дека договорот со италијанската фирма „Леонардо“ за набавка на радарски системи останал ист и пред во него да се вклучи поранешниот генерален секретар, но вели дека сомнително е доцнењето со исплатата на траншите за кои државата плаќа високи камати.
„Знате тој е малку покомплексен предмет. Ние го отворивме и од аспект на јавната набавка, на целата постапка за избор на „Леонардо“ како оператор од кој што требаше да се набави таа опрема, и тој е малку пообемен процес, и тој процес е завршен. Е сега вториот дел е кога Рашковски се вклучува и зошто се вклучува и зошто се одолговлекува времето на склучување на договорот, иако се склучува ист договор како и претходно што се сакало да се склучи, ни остануваат уште ситни детали, околу пет до десет проценти за целосна обработка на предметот, меѓутоа и тоа брзо ќе се заврши и ќе ги објавиме резултатите од тој предмет. Договорот останал ист, дали имало желба да се промени нешто не знам, на писмено врз основа на документи тоа не сме го виделе, освен што времето за повлекување на траншите е надминато а за надминување на времето, за ненавремено плаќање на траншите се плаќаат високи камати од страна на државата,“
вели Ивановска.