Поранешниот претседател, на дебатата во МАНУ, ги истакна своите познати ставови против Охридскиот, Преспанскиот и Договорот со Бугарија, со кои смета дека се обезличува татковината
Тој ја обвини актуелната власт и за корупција, скандали и афери и порача дека членството во НАТО не ја сокрива грдата слика за земјава

Критики кон актуелната власт за односите со соседите, за начинот на водење преговори со Бугарија, за Преспанскиот договор, корупцијата и аферите, преовладуваа во говорот на поранешниот претседател Ѓорге Иванов, во неговото денешно обраќање на свечениот научен собир во МАНУ на тема „Современата македонска држава – две етапи во процесот на нејзиното формирање и развој 1941-1991/1991-2021“.
Иванов своето обраќање го имаше преку видеоконференциска врска, откако пред него од говорницата во МАНУ директно се обратија и Живко Кондев – шефот на кабинет на првиот претседател Киро Глигоров, Владо Поповски – советник во кабинет на експретседателот Борис Трајковски, како и претходникот на Иванов, Бранко Црвенковски. По Иванов, пак, говор имаше и актуелниот шеф на државата, Стево Пендаровски.
„Читајќи го Зборникот на трудови од Меѓународниот научен собир од 2011 година, организиран од МАНУ по повод 20-годишнината од самостојноста на Република Македонија, може да се почувствува колку биле оправдани загриженоста и стравувањето за иднината на земја, за нејзиното име, јазик, идентитет, за нејзиното опстојување. Иако дел од тогашните учесници денеска не се живи, живи и бесмртни се нивната мисла и заветот, кои најконцизно се искажани уште на самиот почеток на 20 век од Крсте Петков Мисирков. Со битијата што се развија ни покажаа колку ние самите можеме да си напакостиме мислејќи дека постапуваме правилно. Денес многу ретко или воопшто не се читаат Мисирков и неговата книга ’За македонските работи‘, особено не од страна на актуелната власт и нејзините советници. Стравот да се отвори и да се прочита таа книга е од сопствената грижа на совеста за тоа што е напакостено и испокрадено, сè што било и ќе биде свето за Македонците и за Македонија“,
рече Иванов на почетокот на своето обраќање.
Поранешниот претседател ги истакна своите познати ставови против Преспанскиот и Договорот за добрососедство со Бугарија, со кои смета дека се обезличува татковината, меѓутоа, според него, тој процес на обезличување почнал уште во 2001 година, со потпишувањето на Охридскиот рамковен договор.
„Со Охридскиот договор, покрај сите предупредувања, македонскиот народ од националитет се сведе на етницитет, на етничка група. Оттогаш сѐ веќе беше подготвено за она што денеска ни се случува. Како претседател на Република Македонија често предупредував за тоа што сега ни се случува, предупредив дека цената на ваквото решавање на македонското прашање е правно и историско уништување на македонскиот народ, бидејќи без македонски народ, македонски идентитет и јазик нема ниту македонското прашање. Со други зборови, прашањето за идентитет ќе се реши со неговото уништување, со тоа Република Македонија и македонскиот народ се турнати во правна, политичка и историска бездна. Пандорината кутија е отворена и сега речиси секој си зема за право да го диктира она што е наше стекнато право и тоа на повеќе нивоа и во повеќе наврати“,
рече Иванов.
Тој нагласи дека од тие причини ниту учествувал ниту го потпишал Преспанскиот договор, а за договорот со Бугарија рече дека се решава прашање кое ќе ја задоволни само бугарската страна. Власта ја обвини за тргување со правото на постоење на македонскиот народ.
„Посочив и предупредив дека актуелната власт се пазари со оние што претендираат да го држат клучот на нашето минато и кои го оспоруваат нашето историско право на постоење и самоопределување. Невиден преседан е, заради политички контекст, политичарите да даваат историско толкувања на фактите. Никој нема право и слобода и не е повикан да испревртува факти, да ја преиначува вистината. Не е само несоодветно туку е срамно и жално, и за Македонија и за Македонците. Со Договорот со Бугарија, власта во Македонија сака да реши едно прашање кое ќе ја задоволни само бугарската страна. Она што Македонија го добива за возврат е самопонижување преку одродување од сопствената историја без која немаме компас за иднината. Предупредив дека ќе посегнат по македонскиот јазик, наместо заштитен, македонскиот јазик е изложен на нападите од оспорувачите кои, обидувајќи се да го избришат или преименуваат, вршат пресија врз македонскиот идентитет“,
рече Иванов.
Бившиот шеф на државата го спомена и НАТО, при што нагласи дека нашето членство во Алијансата не ја покрива лошата слика за земјата.
„Македонија ја дочека својата 30-годишнина од независноста, која ни поминува без радост и среќа, како земја од групата хибридни режими, која се стреми кон автократија, делумно слободна и на 111. место според корупцијата во светот. Членството во НАТО, чија иднина станува се понеизвесна, не може да ја скрие грдата слика за нас. Секако дека ова се и последици и од актуелното идеолошко обликување на светот, но задача на науката е да ги детектира симптомите. Инаку демократијата не може да се увезува. Единствената вистинска демократија е демократијата одоздола, која потекнува од народот, политичката самосвест“,
зборуваше Иванов.
На крајот од обраќањето на настанот во МАНУ, поранешниот претседател рече дека на Македонија ѝ се потребни луѓе кои со гордост ќе се изјаснуваат дека се Македонци и македонски народ, ќе говорат македонски кога некој ќе им го негира јазикот и нема да се автоцензурираат и да ги менуваат историјата и фактите.
„Потребни ни се луѓе кои допрва ќе ја градат Република Македонија како држава заснова на самодоверба, самопочит, себеспознание и љубов кон татковината. Луѓе и народ кои конечно ќе се домакедончат“,
рече Иванов.