По обраќањето на лидерот на „Демократска Бугарија“, Христо Иванов, во Народното Собрание денеска, каде кажа дека треба да се најде решение за проблемот со Република Северна Македонија, поранешниот вицепремиер на Бугарија, Красимир Каракачанов, на социјалните мрежи се огласи со порака до Иванов да молчи.
„Наш национален интерес е во ЕУ да влезе пријателска, а не антибугарска Македонија. Затоа Христо Иванов треба да биде љубезен и да молчи за Македонија. Ова што го кажа денеска може да биде секаков, но не бугарски интерес“,
напиша Каракачанов на фејсбук.
Денеска Иванов посочи дека Бугарија треба да покаже цврстина и, како што рече, да ја одбрани вистината, но и дека треба да се изнајде решение за проблемот.
„Ние во овој парламент треба да го браниме бугарскиот национален интерес, да покажеме цврстина, но и смелост, за да најдеме решение за проблемот со Република Северна Македонија. Треба да се одбрани вистината, но треба да се најде начин заедно да станеме членови на европското семејство, бидејќи тоа е бугарски национален стратегиски интерес“,
кажа Иванов.
По парламентарните избори на 11 јули, денеска новиот состав на бугарскиот парламент одржа конститутивна седница, на која за претседателка беше избарана пратеничката Ива Митева од редовите на „Има таков народ“.