Пратеничката од редовите на „Има таков народ“ Ива Митева е избрана за претседателка на новиот состав на бугарскиот парламент.
Во пленарна сала гласаа 237 пратеници, од кои „за” 137, еден беше против, а 99 воздржани. Освен од сопствената пратеничка група, Митева ја доби поддршката и од парламентарните групи на т.н. протестни партии „Демократска Бугарија” и „Исправи се“, но и од партијата чија основач е Ахмед Доган, Движењето за права и слободи (ДПС).
Токму оваа политичка конфигурација се претпоставува дека ќе го сочинува и идното мнозинство кое ќе застане зад изборот на новата бугарска влада, иако ИТН упорно тврдеше дека нема да дозволи ниту една од т.н. партии на системот или статус квото за каква што се смета и ДПС да и биде партнер на владата која тие треба да ја предложат.
Всушност, ГЕРБ на Борисов во голема мера својата репутација почна да ја губи поради кадрите на ДПС, како олигархот Делјан Пеевски, чиј лик беше аватар за криминал и корупција. Пеевски во Вашингтон беше опишан како еден од „клучните архитекти на падот на демократијата во Бугарија и деволуцијата во криминална држава“. Тој еден од неколкутемина Бугари кои годинава САД ги ставија на својата „црна листа“ врз основа на „Глобалниот акт за човековите права Магнитски“.
Интересно е дека бранот на антивладини протести во Бугарија, кои и беа повод за одржување на предвремените избори започна откако сега лидерот на „Демократска Бугарија“, Христо Иванов, се обиде да закотви бродче на затворена јавна плажа покрај брегот на Црното Море, во близина на летниот дом на пензионираниот основач на ДПС, Ахмед Доган.