Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, на социјалната мрежа Икс го осуди нападот извршен од израелската армија и посочи дека ужасот мора да престане
Советот за безбедност на Обединетите нации денеска ќе одржи итна седница, на која треба да се разговара за воздушен напад од страна на Израел кој го погоди кампот за раселени лица во градот Рафах во јужниот дел на Појасот Газа, при што загинаа 45 лица, пренесува Си-ен-ен.
Седницата ја побара Алжир, а ќе се одржи во 15 часот и 30 минути по њујоршко време.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, на социјалната мрежа Икс го осуди нападот извршен од израелската армија.
„Нема безбедно место во Газа. Овој ужас мора да престане“,
рече Гутереш.
I condemn Israel’s actions which killed scores of innocent civilians who were only seeking shelter from this deadly conflict.
— António Guterres (@antonioguterres) May 27, 2024
There is no safe place in Gaza.
This horror must stop.
Според израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, не било предвидено нападот да предизвика цивилни жртви и дека инцидентот ќе биде истражен.
„И покрај нашите најдобри напори да не им наштетиме на цивилите, за жал, беше направена трагична грешка“,
рече Нетанјаху.
Претходно израелската армија објави дека нападот бил извршен со прецизна муниција и врз основа на прецизни разузнавачки информации.
Министерството за здравство на Хамас пред два дена објави дека десетици луѓе, меѓу кои и жени и деца, загинале или се повредени во експлозија во бегалски камп во областа Рафах.
Израелските одбранбени сили (ИДФ), во објава на социјалната мрежа Икс, потврдија дека извршиле воздушен напад врз објект на Хамас во областа.
Портпаролот на палестинската Црвена полумесечина, како што пренесува новинската агенција „Асошиејтед прес“, рече дека бројот на загинати најверојатно ќе се зголеми и оти се продолжува со напорите за пребарување и спасување во населбата Тал ал Султан во Рафах, околу два километри северозападно од центарот на градот.
Израелската воена офанзива во Газа започна откако вооружени лица предводени од Хамас го нападнаа Израел на 7 октомври убивајќи околу 1 200 луѓе и зедоа 252 лица назад во Газа како заложници.
Според Министерството за здравство во Газа управувано од Хамас, оттогаш во војната се убиени речиси 36 000 Палестинци.