Меѓународниот секретар на ИТН, Димитар Грдев, за БНТ утрово изјави дека има работи на кои има забелешки – и за јазикот и за тоа што се користи терминот „малцинство“, но тие можат да се усогласат со ставот на Бугарија
Од партијата Има таков народ, чиј лидер Слави Трифонов ја напушти владејачката коалиција, меѓудругото и, како што рече, поради предавството на Кирил Петков во однос на Северна Македонија, соопштија дека им се допаѓа францускиот предлог за решение. Ова, како што заклучува бугарскиот весник „24 часа“, може да се заклучи од зборовите на меѓународниот секретар на ИТН, Димитар Грдев, за БНТ.
„Францускиот предлог за PCM е работен документ од Франција, која претседава со Советот и зема предвид различни предлози. Ова не е бугарски документ за да може да се оквалификува како предавство или некакво повлекување. Но, на овој предлог мора да се работи и од исклучителна важност е тој да биде разгледан во Народното собрание и во Советот на министри“,
рече Грдев во интервју на БНТ додавајќи:
„Предлогот е добар ако се разработи“,
и повика тој да биде разгледан во комисијата за надворешна политика и да биде претставен пред парламентот.
„Има работи на кои има забелешки – и за јазикот и за тоа што се користи терминот ‘малцинство’, но тие можат да се усогласат со ставот на Бугарија. Но, многу е важно каков е билатералниот протокол меѓу Бугарија и Северна Македонија“,
категоричен е Грдев.
Тој ја критикуваше одлуката на владата овој документ директно да се испрати до Комисијата за надворешна политика без да се расправа во кабинетот, нарекувајќи ја одлуката „крајно чудна“.
„Четврти ден не можеме да отвориме документ што е доставен на бугарската држава. Која е причината? Некој да го објасни. Што се прави? Саботажа? Не велам дека е – но можеби“,
рече тој.