Италијанската влада ќе усвои нови драстични мерки за да го спречи ширењето на коронавирусот, вклучувајќи и порака до граѓаните да не го напуштаат или да влегуваат во најпогодениот регион Ломбардија, јавува Ројтерс, повикувајќи се на предлог-одлуките во кои имал увид.
Исто така, се планира ограничување на движењето на луѓето во рамките на областите што ќе бидат ставени под карантин, па излегување од дома ќе биде дозволено само во исклучителни ситуации.
Засега само неколку области во северна Италија, познати како “црвени зони”, беа во карантин, но со оглед на драматичната ескалација, предлог-документите им велат на граѓаните да не ги напуштаат или да влегуваат во Ломбардија и во уште 11 провинции во други региони.
Одлуките се очекуваат во следните часови откако само за еден ден беа регистрирани нови 1250 случаи на заразени во Италија.
*поврзана вест Во Италија нови 1250 заразени и 36 починати од коронавирус за еден ден
Во сите области опфатени со одлуките, вклучувајќи градови во северните региони Емилија Ромања, Венето и Пиемонт, училиштата ќе бидат затворени до 3 април, како и сите музеи, спортски сали и базени, а ќе бидат прекинати отсуствата и одморите на здравствените работници.