Според властите, важно е да се избегне собирање луѓе за Велигден, на 12 април, проследено со Денот на ослободување на Италија, 25 април и Меѓународниот ден на трудот, 1 мај, за да се спречи ширењето на вирусот
Италијанските власти соопштија дека блокадата воведена за запирање на ширењето на новиот коронавирус ќе биде укината во две фази.
Првиот чекор кон укинување на блокадата во Италија по Велигден ќе биде постепеното започнување со производствени активности, а вториот, кој се очекува да се случи на 4 мај, се однесува на измените во мерките за ограничување на движењето на жителите на таа земја.
„Постепеноста и претпазливоста се од огромно значење кога станува збор за укинување на општите карантински мерки воведени од страна на Италија за да се спречи ширењето на вирусот“,
се согласи италијанскиот премиер Џузепе Конте со експертите на состанок за блокадата што ќе биде во сила до 16 април.
Според властите, важно е да се избегне собирање луѓе за Велигден, на 12 април, проследено со Денот на ослободување на Италија, 25 април и Меѓународниот ден на трудот, 1 мај, за да се спречи ширењето на вирусот.
Укинување во фази
Првиот чекор по 13 април се однесува на постепено започнување со производствени активности, а вториот од 4 мај се однесува на промена на мерките за движење во и надвор од изолација. Сепак, датумите на следните чекори не се строго утврдени и зависат од податоците од наредните денови.
„Мораме да бидеме многу внимателни со втората фаза бидејќи ако направиме грешка ќе мора да се вратиме на блокадата и повторно да почнеме од почеток“,
рече италијанскиот министер за надворешни работи Луиџи ди Мајо за планот за укинување на блокадата.
Полицијата најави зголемена контрола на движењето, а властите во некои региони размислуваат да затворат некои области за луѓето кои не се жители на тие области за да се избегнат собири за време на викендите и празниците.
Во Италија на почетокот на петтата недела на општ карантин, бројот на новозаболени и на интензивни лекувања опаѓа, при што италијанската влада се подготвува за „втора фаза“ и постепено излегување од блокадата преку стратегискиот здравствен план, кој се однесува на социјалното дистанцирање како главно правило, воспоставување таканаречени „ковид-болници“, зајакнување на здравствената мрежа, користење тестови и дигитална стратегија за помош со пандемијата.
Од ковид-19 досега починаа 17 127 луѓе во Италија, која е една од најтешко погодените земји од пандемијата на новиот коронавирус со 135 586 заболени.